Обвинителството на терен во Пинтија, испитуваат како се случила трагедијата


– Јавен обвинител изврши увид на лице место. Издадена е наредба за обдукција и се преземаат дејствија за испитување на целиот настан, информираа од Јавното обвинителството.

Според она што може да се види, дворот во кој се случи трагедијата е заграден со метална ограда, а на вратата стои предупредување за опасно куче. Двете кучиња, по се изгледа, не биле тренирани и поттикнувани на агресивност, туку напротив биле одгледувани за изложби, така што единствена претпоставка е дека проработил заштитничкиот нагон кај нив кога детето влегло во дворот. И двете кучиња биле официјални шампиони во расата во Македонија и регионално,  а друго прашање е дали воопшто треба да се дозволи во Македонија да се одгледуваат и чуваат вакви раси на кучиња, бидејќи практиката во повеќе земји е обратна.  Имено, во нашата држава Агенцијата за храна и ветеринарство води регистар на опасни кучиња, но станува збор за конкретни кучиња што веќе извршиле напад и поминале низ процес на ресоцијализација, бидејќи другата опција е – да се еутанизираат. 

Расата Булмастиф во моментов е забранета за одгледување и чување во повеќе земји, не толку поради агресивноста колку поради силата и големината. Булмастифите важат за едно од најсилните раси кучиња по Бернардинецот, трипати се посилни од обичните кучиња  и тежат до 60 килограми, што ги прави непожелни во многу земји. Наспроти Македонија, во која буквално можат да се видат сите раси кучиња на улица, на листата на забрана во многу земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Германија, Франција и други се наоѓаат по правило исти раси, меѓу кои е и Булмастифот. Дригите, со мали варијации, се сите видови на Питбул (Американски Булдог,  Питбул Териер, Стафорд…), Акита, Дого Аргентино, Кане Корсо, Ротвајлер, Јапонска Тоса, па и Хаска. Куриозитет е дека само една земја во светот, Данска, има забрана за чување и одгледување Шарпланинец, а ретко на овие листи се наоѓа Доберменот, иако важи за раса која ги напаѓа и сопствениците.  Според статистиките, најмногу напади од куче во САД лани биле извршени од расата Питбул, речиси половина, а потоа од Ротвајлери, Хаски, Германски овчари и Булмастифи.  

Адвокатот Јанаки Митровски за „Фокус“ изјави дека не очекува да има кривична одговорност за сопственикот на кучето, бидејќи законот тоа не го предвидува.

-Прекршочните глоби во Законот се смешно мали, но било каква глоба е мала утеха за семејството на починатото дете , вели Митровски за „Фокус“. Тој  додава дека сопственикот на кучето е граѓански одговорен за наместот на штета, конкретно за душевна болка поради смрт на блиско лице, но повторува, но дека  ова не е никаква утеха за семејството.

Зоран Пешевски од Ветеринарно-сточарскиот центар Тодор Велков, за истиот медиум,  вели дека институциите мора да работат координирано и да се стави ред во чувањето на опасни раси на кучиња.

 
-Не може опасни раси на кучиња да се чуваат и размножуваат без да се запазат законските регулативи. Не смее да се дозволи и да се шеаат Булмастифи, Кане корсо, Ротвајлери и слични раси без заштитна маска, не смее да се дозволи тие да можат слободно да излезат надвор од простор кој би требало да е наменет за нивно чување. Во голем број на развиени земји во светот овие раси се забранети, од кај нас не е дозволен нивни увоз, и тоа е така со причина. Вознемирен сум од оваа трагедија, апелирам на координација помеѓу МВР, АХВ и сите други институции кои треба да воспостават ред во оваа сфера,  вели Пешевски.
 
Ова е втор случај на загинато дете од напад на куче, по тој во март 2017 година, кога 4-годишно дете беше искасано до смрт од повеќе кучиња во кичевското село Бачишта.