Обвинителството му врати на Пендаровски: Подобро да ги повикаше пратениците да го гласаат новиот закон


Основното јавно обвинителство денеска реагираше по критиките од претседателот Стево Пендаровски за бавната истрага околу случајот „Рекет“ и барањата за одговорност кај сите инволвирани, вклучително и претставници на актуелната власт.
„Укажуваме дека не е време за напади на институциите и нема да дозволиме дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите. Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото“, посочуваат од Обвинителството.

Тие и натаму ја уверуваат јавноста оти постапката за предметот ја водат неселективно и навремено, се постапувало неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот.

„ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите“, посочуваат од Јавното обвинителство.

Шефот на државата вчера рече дека истрагата за случајот „Рекет“ не е брза и темелна, обвинителите си заминаа одмор небаре станува збор за редовен предмет, разочараноста во општеството од однесувањето на специјалната јавна обвинителка е огромна, а правна држава не се гради само со зборови и со гонење криминалци единствено од претходната власт, туку и со одговорност кон сите што се огрешиле пред законот, макар биле и актуелни функционери.