Обвинителството ќе води истрага за повикот на владиката Агатангел


Откако митрополитот на Повардарската епарјија, Агатангел, ги повика верниците масовно да дојдат во црковните храмови во петок и сабота за одбележување на Задушница, обвинителството во Велес отвори предмет по допрен глас. Повикот на владиката Агатангел беше пркосно спротивставување на мерките на државните и здравствените власти за зауздување на драматичниот пораст на инфекциите со корона вирусот и очигледно контрирање на сите апели.

Обвинителството соопштува дека за да се утврди евентуалната кривична одговорност ѝ дала насоки на велешката полиција за обезбедување податоци во однос на стореното дело и испитување на околностите дали содржи обележја на кривично дело.

Повардарската православна епархија преку соопштение ги повика граѓаните во петок и сабота, во периодот од 8 до 14 часот, да дојдат во дворовите на храмовите и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.

Ист повик до верниците упати свештеникот Сараф Иванов од Неготино да дојдат во црквата „Свети Атанасиј“.