Обвинителството ја анализира документацијата за случајот со Рашковски


Фото: Б. Грданоски Илустрација

Обвинителството ја анализира документацијата за тендерот за набавка на радарски систем за „Македонска навигација’ (М-НАВ), за што беа објавен снимки од разговори во владата, на состанок што го организирал генералниот секретар Драги Рашковски.

Од обвинителството информираа денеска дека веднаш по објавенат аудио-снимка е отворен предмет, а се процесуира и кривичната пријава поднесена од партија.

-По реакциите во јавноста во кои обвинителството се повикува да го расветли случајот со спорниот тендер за набавка на радарски систем, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека веднаш по објавената аудио-снимка е отворен предмет по допрен глас. Во меѓувреме кон овој предмет е споена и кривичната пријава поднесена од страна на политичка партија – се наведува во соопштението од обвинителството.

Од обвинителството информираа и дека во август јавниот обвинител што постапува по предметот  издал наредба до МВР за прибирање на севкупната документација за предметот. Наредена е и темелна анализа на документацијата, по што обвинителството ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.

По објавувањето на аудио-снимките од состанокот во владата, ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против генералниот секретар Рашковски за наводите за местење тендер при набавка на радарска опрема за потребите на М-НАВ.