Обвинителството го демантираше Тошковски, Данела е таа што била нападната
Обвинителството отвори постапка против две лица за кривично дело „Насилство“. За едното од нив бара и притвор. Тошковски синоќа велеше дека тоа можеби е смислено сценарио за политички циркус

За помалку од 20 часа Основното јавно обвинителство Скопје ги демантираше шпекулациите на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој синоќа преку националните телевизии сугерираше дека можеби градоначалничката на Скопје го предизвикала сериозниот инцидент во Чаир. Според соопштението на обвинителството, за сѐ се виновни двајца напаѓачи на Арсовска, а за едниот се бара притвор.
Синоќа на Сител со забележливо со повисок и понапнат глас министерот Тошковски сугерираше дека можеби Арсовска сама го направила тој „политички циркус“.
„Повторно само на Фејсбук парадираме, на социјални мрежи, а притоа таа не го потпишала записникот (во полицијата – н.з.). И сега се поставува прашање, да не случајно жртвата во овој случај којашто се прикажува во јавноста, е токму оној што предизвикал физички напад. Изразувам длабоко жалење и осудувам било каков напад без оглед кој е нападнат во ситуацијава. Особено осудувам напад врз жена, особено ако таа жена е избрана на избори и застапува градоначалник. Но да не случајно излезе на крајот, дека сето ова е едно добро смислено сценарио за политички циркус, каде што жртвата ќе биде токму оној кој сторил физички напад, бидејќи добивам некои такви информации. Не знам, претпоставувам“, рече Тошковски.
Претпоставките на Тошковски се неточни, затоа што обвинителството отвори постапка против две лица осомничени за кривично дело „Насилство“ по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по вчерашниот инцидент на улицата „Севастополска“, кога била физички нападната градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Според обвинителството, првоосомничениот маж, кој се претставил како сопственик на нелегален објект во градба, ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката, а потоа и физички ја нападнал додека таа, заедно со вработени од градските служби, вршела вонреден надзор на терен по добиена пријава за нелегален објект на улицата „Севастополска“
Инцидентот се случил во присуство на полициски службеници и членови на градската администрација. Откако бил спречен од присутните, со вербални закани се вклучил и второосомничениот, кој дополнително ја ескалирал ситуацијата.
„Со своето однесување, двајцата осомничени предизвикале чувство на несигурност, загрозеност и страв кај присутните лица“, соопштија од обвинителството.
Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судот за определување мерка притвор за првоосомничениот, поради опасност од повторување на делото и можност за бегство. За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост: забрана за приближување и контакт со оштетените, забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и редовно јавување во судот.
Дополнително, МВР денеска соопшти дека по препорака на АНБ која имала оперативни сознанија дека градоначалничката на Скопје ќе биде чувана од полицијата 24 часа секој ден. Таквата одлука била донесена врз основа на оперативни сознанија и безбедносна проценка изготвена од Агенцијата за национална безбедност. Што значи дека безбедноста на Арсовска навистина е загрозена, како шта таа постојано тврди последниве неколку месеци. Синоќа Тошковски се обиде тоа да го релативизира префрлајќи дел од вината за инцидентот кај дивоградбата на Данела Арсовска.