Обвинителството да ги претресе „џебовите“ на ВМРО-ДПМНЕ

Се мајтапи ли лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски со јавноста мавтајќи со празни листови хартија или навистина поседува џокер-искази од тајната истрага за случајот „Рекет“, кои, наводно, му ги доставил свиркач, како што самиот се пофали на завчерашната прес-конференција?

Потегот на Мицкоски, кој уследи по јавно кажаната претпоставка на премиерот Зоран Заев дека истрагата за „Рекет“ водела до него, според правните експерти, мора да биде предмет на истрага. Таа треба да покаже од каде му се документите и кој е тој или повеќето нив што изнесуваат доверливи материјали од истраги небаре станува збор за компири.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција тврдат дека објавените записници и други докази посочени на прес-конференцијата не потекнуваат од нивните редови. Согласно законот, повикување на „свиркач“ се однесува само за кривични дела за кои нема постапки. Во случајов се работи за предмет што е длабоко навлезен во истрагата од што се подразбира дека е нарушена тајноста на постапката, а со тоа е сторено кривично дело.

„Обвинителството со особено внимание ги следи сите информации и доколку утврди елементи на кривично дело ќе постапи согласно своите надлежности. Кој, во кое време и во какво својство ќе биде повикан во Обвинителството, оценува надлежниот јавен обвинител кој раководи со предметот, притоа имајќи ги предвид дотогаш прибраните материјални и вербални докази“, велат од Обвинителството.

Дел од правните експерти, пак, велат дека нема зошто Обвинителството да го повикува лидерот на опозицијата, туку тоа со своите служби треба да влезе во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

„Треба да се изврши претрес и, доколку постојат, веднаш да се запленат материјалите од истрагата. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски треба да каже од кого ги добил исказите. Доколку не се постапи на овој начин, Обвинителството демонстрира крајна несериозност. Станува збор за доверливи материјали со кои не смее јавно да се игра. Доколку Мицкоски ги објави и тој прави кривично дело“, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

Тврдењето на Мицкоски дека доставата на документите ја извршил загрижен свиркач, според него, е апсурдно и претставува алиби за сторено кривично дело.

„Тоа ви е исто ако, на пример, се случи убиство со пиштол и некој потоа го земе пиштолот и му го врати на убиецот“, појаснува Илиев.

Ова не е почеток на политичко-правната теленовела „ајде сите да си читаме искази“. Претходно во јавност излегоа пим – мерките за премиерот Зоран Зеав, а гледаме како протекуваат и наредби за вештачења. Пред три недели на чудесен начин во порталот „Инфомакс“ осамна една страница од исказот на сведокот во случајот „Рекет“, бизнисменот Орце Камчев. До денеска никој нема поим како се случи тоа. Сомнежите за протекувањето на документот се вртеа околу две адреси – Обвинителството и Судот.

Во Кривичниот суд рекоа дека ќе утврдуваат дали до Судот воопшто стигнал записникот од сведочењето на Камчев, за потоа да утврдат дали е можно да протекол оттаму. Од Обвинителството за гонење организиран криминал, пак, тврдеа дека копија од записникот била испратена со барање за притвор на осомничени во „Рекет“ и дека копија од записникот не му била дадена на Камчев. Тој обид за компромитирање на постапката, како што е несомнено и обидот на Мицкоски, според правниците, покажува дека треба нова организација во целиот судски систем во делот на кадарот, техниката, проверките за лојалноста на вработените.

Истовремено, лидерот на опозицијата рече дека нема да прави воајерски шоуа презентирајќи документи сè додека гледа дека постои минимална објективност во водењето на случајот.

„Првиот момент кога ќе видиме дека некој сака да го заштити јавниот интерес, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави документите во јавноста“, порача Мицкоски.

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, ставајќи се во позиција на жртва, вчера изрази подготвеност за апсење.

„Доколку навистина сметаат дека станува збор за кривично дело, нека дојдат тука, знаат каде живееме, нека нè уапсат“, рече Јанушев одговарајќи на новинарското прашање, како ги коментира обвинувањата од СДСМ дека со тоа што велат дека поседуваат документи за исказите од случајот „Рекет“, ја поткопуваат истрагата и дека станува збор за кривично дело.

„Во изминативе години се изнагледавме буквално стотици, илјадници емисии по речиси сите медиуми каде што се објавуваа записници со имиња и презимиња, значи никој не го покрена ова прашање. Овие документи се доставени од свиркачи. Ние имаме регулатива за тоа. Од друга страна, оние што ги доставиле увиделе дека станува збор за прикривање, станува збор за водење на постапка на незаконски начин. И исто како и ние, борејќи се за правда и правичност, за доследна примена на законите ги доставиле затоа што веруваат дека нема да оставиме така да се заврши“, рече Јанушев. Тој нагласи дека лидерот на партијата Мицкоски досега не е повикан на распит, но не исклучи можност и двајцата да бидат повикани бидејќи како што рече во оваа држава и најнеочекуваното е очекувано.

Според владејачката партија СДСМ, манипулациите со вакви документи ја поткопуваат истрагата и целиот процес за случајот „Рекет“.

„Покрај тоа што мавташе со наводни документи за искази и вештачења, во вчерашната изјава Христијан Мицкоски случајно или не призна дека ВМРО-ДПМНЕ има материјали од предистражни дејствија односно материјали од нелегално следење на комуникациите. Поседување на изјави од предистражни дејствија и наредби од истрага е кривично дело, а оној што ги споделил таквите документи не може да биде свиркач туку вршител на кривично дело“, рече портпаролот Костадин Костадинов.

Според него, станало совршено јасно кој ги лиферува доверливите материјали на медиумите со цел да влијае врз истрагата или да ја насочи во погрешен правец. „Христијан Мицкоски ги покажа неговите вистинските намери, да работи против правната држава, да ги кочи процесите и да го загрози датумот за почеток на преговори со ЕУ. Овие јалови обиди на Мицкоски да се попречи правдата и да се спасат криминалците од одговорност, со сигурност, пропаѓаат“, нагласи Костадинов.

Наум Котевски