Обвинителство: Возачот што усмрти полицаец бил пијан


Кумановецот што вчераутро усмрти полицаец на службена должност и повреди неколку лица, бил под видно дејство на алкохол, соопшти Основно јавно обвинителство.

„Патничко моторно возило управувано од осомничениот, жител на Куманово, кој бил видно под дејство на алкохол, удрило во двајца полициски службеници. Од тежината на повредите, на самото место починал еден од полициските службеници. Возачот, потоа, продолжувајќи со управувањето со возилото удрил во друго патничко моторно возило, во кое биле три лица и на сите им нанел телесни повреди. Возилото продолжило со движење, но од брзината и ударите се превртело, при што и возачот се здобил со телесни повреди. Сите повредени лица се згрижени во медицинска установа и им се укажува помош“, велат од Обвинителството.

Телото е предадено за обдукцијата, а дадена е и наредба за прибирање траги од самото место, фотографирање и скицирање, како и натамошно вештачење со кое ќе бидат утврдени фактите во предметот.

Според полицијата, 45 минути по полноќ на регионалниот пат Куманово-Свети Николе во близина на крстосницата со наелба Ајдучка Чешма, автомобил „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Ј. (40), удрило во 37- годишниот В.Ц., полициски службеник, и во 25-годишниот А.М., кандидат за полициски службеник, кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

С.Ј. со возилото „мерцедес“ избегал од местото на настанот, по што на регионалниот пат Куманово-Свети Николе во близина на хотел „Сателит“ удрил во патничко моторно возило „шкода“ со кумановски регистерски ознаки, управувано од Н.П. (34). Возачот на возилото „Шкода“ и сопатникот Д.Ј. (42) се здобиле со тешки телесни повреди, а А.Ј. (52) со телсени повреди, при што Д.Ј. е пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово.

С.Ј. е пренесен во болницата во Куманово, а против него во текот на денот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.