Обвинителот Коцевски ја поврза истрагата за Кочани со оние во Бразил, САД и Романија. Но дали таму беше така и кој беше осуден?
За пожарот во САД беа осудени три лица, за најголемата трагедија во Бразил четворица, додека за настаните во клубот „Колектив“ во Букурешт осум

Правото признава дологорочен каузалитет.
Вака вчера државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски образложуваше зошто истрагата за трагедијата во Кочани е толку опширна, има толку многу осомничени (45) и оди до сите министри за економија од 2012 година па наваму, но без сегашниот. Актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши немал никаква вина за трагедијата, иако е на функцијата веќе девет месеци, но можеби имал вина Ваљон Сарачини кој беше на тоа место во 2012.
Коцевски има право кога вели дека во случај на „долготрајна негрижа виновни се цели институции и системи, а не само поединци во моментот на самата последица“. Според него, „континуирано игнорирање на ризикот во долг временски период може да создаде основа за правна и етичка одговорност“.
За да ѝ даде поттекст на платформата на обвинителите и истражителите за големиот број осомничени за оваа незапаметена трагедија во Македонија и всушност да го размрда принципот на неделување и корупција на системот, и да предизвика нов начин на работа на одговорните во сите сфери, Коцевски наведе три светски примери, зошто истрагата оди толку далеку во минатото, а малку во сегашноста. Тој ја спореди македонската истрага со оние во Романија, Бразил и САД за големите пожари во клубови во кои загинаа многу луѓе. И рече:
„Во светски рамки ќе наведам три пожари во слични објекти кои избувнале на сличен начин: пожар во клуб во Романија во 2015, пожар во клуб во САД 2003, пожар во клуб во Бразил во 2013. Сите три случаи, масовни трагедии, се поврзани како резултат на употреба на пиротехника. Судовите ја признаа долготрајната серија на пропусти, како фактори што го направиле пожарот толку разорен. Одговорноста не била ограничена само директно на оние што го предизвикале пожарот, туку и оние што овозможиле опасни услови преку серија на административни пропусти. Ова покажува дека правото признава долгорочен каузалитет“.
Да видиме дали навистина „правото признава долгорочен каузалитет“ како што ја објаснува широчината на македонската истрага Љупчо Коцевски во овие три случаи, или обвинителот погрешно бил информиран од своите надлежни служби, или самиот погрешно се информирал.
Еве ги тие три случаи на големи пожари што ги споменува обвинителот, како течеше истрагата за нив, кој беше обвинет и какви пресуди беа донесени.
Клуб „Станица“, Род Ајленд, САД
Пожарот се случи вечерта на 20 февруари 2003 година во „Станица“, ноќен клуб и музички центар во Западен Ворвик, Род Ајленд, САД, при што загинаа 100 луѓе и беа повредени 230. Пожарот се случи по палењето пиротехнички средства за време на настапот на бендот „Грејт вајт“. Во рок од шест минути целата зграда беше во пламен. Пожарот бил предизвикан од пиротехниката што ја запалил менаџерот на групата, Даниел Биекеле, а искрите ја зафатиле акустичната пена на ѕидовите. Пиротехниката биле цилиндрични уреди кои произведуваат контролирано прскање на искри.
Присутните прво помислиле дека пламенот е дел од чинот. Кога огнот стигна до таванот и чадот почна да се спушта, луѓето сфатија дека е неконтролиран. Алармот за пожар во ноќниот клуб бил активиран и иако имало четири можни излези, повеќето луѓе се упатиле кон влезната врата низ која влегле. Слевањето на толпата во тесниот ходник доведе до целосно блокирање на тој излез и резултираше со бројни смртни случаи. Деведесет и шест лица умреа на лице место, а четири подоцна во болницата. Меѓу нив беше и гитаристот на бендот, како и церемонијал мајсторот.

Беше покрената сеопфатна истрага и големата порота (тоа е поинаков судски ситем од нашиот) во декември 2003 година објави обвиненија против сопствениците на клубот „Станица“, Џефри и Мајкл Дердеријан, и менаџерот на „Грејт вајт“, Даниел Биекеле. Тројцата беа обвинети по 100 точки од обвинението за ненамерно убиство од небрежност и 100 точки за ненамерно убиство со прекршок. Пожарникарскиот маршал на градот не беше обвинет, како и главниот пејач на бендот, Џејк Расел. Даниел Биекеле ја призна вината за 100-те обвиненија. Во мај 2006 судијата му пресуди на Биекеле 15 години затвор, од кои четири мора да отслужи, а 11 условни, плус три години пробација.
Едниот од браќата Деридијан сопственици на клубот, Мајкл, доби 15 години затвор (четири да ги отслужи и 11 условни), додека на другиот брат Џефри му беа одредени 500 часови општествено корисна работа.
Тоа беа пресудите за „долгорочен каузалитет“, како што рече во неделата Коцевски. Само три во кои големата порота во Род Ајленд сметала дека највиновни се оние што биле непосредно поврзани со трагичниот пожар.
Но после оваа пресуда имаше редица граѓански спогодби во кои беа исплатени 176 милиони долари. На роднините на жртвите од пожарот пари им исплатијата бендот, сопствениците на клубот, државата Род Ајленд и градот Вест Ворвик и други. А најголема отштета во договор со жртвите (25 милиони долари) исплати компанијата што ја произвела акустичната пена што беше инсталирана во „Станица“, која произведе отровни гасови.
Интересно во овој случај е што подоцна повеќе семејства на загинатите во клубот искажаа поддршка за менаџарот на групата Биекеле, испраќајќи писма до државниот одбор за помилувања. Тие наведуваа дека Биекеле бил „жртвено јагне“ во целиот процес и имал ограничена одговорност. Одборот ги прифати овие забелешки и го помилува Биекеле во март 2008.
Дискотека „Колектив“, Букурешт
Во дискотеката „Колектив“ во Букурешт, Романија, во пожарот предизвикан од употреба на пиротехнички средства настрадаа 27 лица, а подоцна во болниците од лошо лечење починаа уште 37 души. Вкупно 64. Откритието за лоштот лечење го направи новинарска истражувачка екипа на весникот „Газета спортурилор“, кој прерасна во документарниот филм „Колектив“ номиниран за Оскар.
Пожарот во „Колектив“ се случи за време на бесплатен концерт изведен од металкор бендот „Goodbye to Gravity“ за да го прослават објавувањето на нивниот нов албум. Пиротехниката на бендот, составена од искричави свеќи за огномет, предизвикаа горење на запалливата полиуретанска акустична пена на клубот и огнот брзо се прошири. Сите членови на бендот освен еден загинаа во пожарот. Повеќето од жртвите биле отруени од токсините ослободени од запалената пена. Романските здравствени власти првично одбија да ги прфрлат лицата со најтешки изгореници во странство на лечење и затоа беше големиот број починати по пожарот. Преплавени од големиот број жртви, романските власти префрлија некои од тешко повредените во болниците во Израел, Холандија, Белгија, Австрија, Франција…

Речиси веднаш почнаа големи протести во Романија наречени „Колектив револуција“. Гневните луѓе бараа оставки од премиерот Виктор Понта, министри и градоначалникот на реонот. Тие беа критикувани дека овозможиле клубот да добие лиценца за работа без да има противпожарна дозвола. По само четири дена од пожарот и масовните протести премиерот Виктор Понта поднесе оставка.
Судењето за одговорните за таа трагедија почна во 2017, а конечните второстепени пресуди беа донесени во мај 2022. Значи, безмалку седум години од несреќата.
Осум лица добија казни затвор, тоа беа активните функционери во тоа време, сопствениците на клубот и надлежните за пиротехничките средства што ги употреби рок-групата за својата свирка. Вкупните затворски пресуди изнесуваа 61 година.
Тогашниот градоначалник на општината Сектор 4, Кристијан Пиедоне, доби четири години затвор затоа што ѝ дозволил на дискотеката „Колектив“ да работи и покрај тоа што не ги обезбедила неопходните безбедносни стандарди.
Пиедоне беше осуден во прв степен на осум години и шест месеци затвор, но казната му беше намалена од страна на Апелацискиот суд во Букурешт. Неколку дена пред изрекувањето на пресудата, тој беше уапсен од полицијата на аеродромот во Букурешт и спречен да ја напушти земјата.
Клубот имаше тројца сопственици. Еден од нив, Алин Георге Анастасеску, беше осуден на 11 години и 8 месеци затвор, додека другите двајца косопственици, Пол Ганчеа и Костин Минку, добија по 8 години затвор. Казната за Анастасеску беше најголема во овој случај.
По 6 години и 10 месеци затвор добија двајцата техничари кои го поставија огнометот за рок-концертот од кој избувна пожарот. Нивниот менаџер доби условна казна.
Двајцата пожарникарски функционери, кои требало да проверат дали дискотеката ги исполнува сите безбедносни регулативи, беа осудени на затвор од 8 години и 8 месеци секој.
Апелацискиот суд во Букурешт не изрече само затворски казни туку и парични. Судот пресуди дека семејствата на жртвите од пожарот во „Колектив“ имаат право на вкупна отштета од околу 36 милиони евра.
Надоместокот заеднички платија Градското собрание на општината Сектор 4 во Букурешт, Инспекторатот за вонредни состојби, компанијата што го поседуваше „Колектив“, како и пиротехничката компанија. Судската одлука им наложи и на тројцата сопственици на „Колектив“ да платат отштета за семејствата на настраданите.
Клуб „Кис“, Санта Марија, Бразил
Ако не ги знаете деталите за трагичниот пожар во клубот на југот од Бразил во 2013 година можете да ја погледнете серијата на Нетфликс за овој настан во кој загинаа 242 лица, а 630 беа повредени.
Поќарот во клубот „Кис“ во Санта Марија, Рио Гранде до Сул, Бразил се случи на 27 јануари 2013 година. Пожарот започна помеѓу 2 и 2,30 часот откако огномет наменет за надвор се користел во затворена просторија и го запали таванот. Во клубот имало само еден излез што придонесе за толку голем број загинати, а дополнителна паника и стампедо предизвикало гаснењето на струјата, по што сите заробени внатре се нашле во темница. Единствената светлина во зградата доаѓала од тоалетите каде што луѓето се собрале, но останаа заробени бидејќи веруваа дека тоа е излез.
Забавата, наречена „Агромерадос“, била организирана од студенти од шест факултети и технички курсеви на Федералниот универзитет во Санта Марија. Таа вечер требаше да настапат два бенда. Бразилската полиција изјави дека пожарот започнал кога бендот „Гуризада Фандангуеира“ запалил пиротехничко средство (слично на сигнален пламен) додека настапувал на сцената. Пиротехниката случајно запалила запалива акустична пена на таванот.

Околу 90 проценти од жртвите починале поради на вдишување чад, конкретно цијанид, кој бил меѓу токсичните хемикалии произведени кога пожарот ја проголтал звучната изолација на таванот на клубот. Многу луѓе загинаа додека се обидуваа да се скријат во бањите или, во паника, ги помешаа за излези. Најмалку 180 тела биле извадени од тоалетите.
Во судскиот процес што заврши во 2021 година за смртоносниот пожар беа осудени четири лица, сите најнепосредно поврзани со трагедијата: двајца сопственици на клубот и двајца членови на групата. Тие добија долги затворски казни од 18 до 22 години. Но во август 2022 во процесот на жалби апелацискиот суд ја поништи пресудата поради несоодветниот избор на поротата.
Во септември 2024 бразилскиот врховен суд нареди четворицата осудени итно да бидат затворени додека траеше недогледниот круг на жалби. Со тоа врховниот суд ги поништи пресудите на пониските судови во 2022 и 2023 за анулирање на казните поради нерегуларностите во судскиот процес. Сега тече жалбата на овие пресуди на Врховниот суд.
Оваа трагедија е најголема во последните десетлетија од употреба на пиротехнички средства во затворени простори. За властите на Бразил тоа значеше иницијална каписла да направи брза и масовна проверка на сите безбедносни протоколи во вакви клубови. Само идната ноќ властите затворија 58 клубови поради небезбедност.
Трагедијата ги извади на виделина лошите безбедносни стандарди во ноќните клубови и бараше одговор од парламентот. Во 2017 година, стапи на сила нов федерален закон, познат на оригиналниот португалски како Lei Kiss. Законот воспоставува построги стандарди за безбедност, превенција и заштита од пожари во установите со јавни собири на национално ниво. Меѓу измените во законот секоја установа сега мора да има максимален капацитет наведен во близина на влезната врата. Друг момент беше вклучувањето на основните безбедносни упатства против пожар и паника на курсевите по инженерство и архитектура.