Обвинителката Стефанова побара условни казни за Јанкулоска и Протуѓер во „Титаник“

Лиле Стефанова рече дека како обвинител многу го ценела чинот на признавање вина за делото за кое се обвинети


Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска

 

Долгогодишниот процес во случајот „Титаник“ за изборни злоупотреби за некого ќе заврши многу брзо. Денеска изненадувачки осуммина од обвинетите признаа вина за делото што ги товари и на посебниот процес што веднаш започна за нив обвинителката Лиле Стефанова Лиле Стефанова побара условни казни за шестмина од нив. Меѓу нив се Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер и Билјана Бришковска-Бошковски, а ублажување на предвидените казни за Миле Јанакиески и Коста Митровски.

Лиле Стефанова рече дека како обвинител многу го ценела чинот на признавање вина за делото за кое се обвинети: „Признанието само по себе е една голема олеснителна околност и сметам дека судот кога ќе ја утврдува казната да го цени признанието како олеснителна околност. Секој од присутните обвините имаат и свои и олеснителни и отежнителни околности кои судот треба да ги цени кога ќе ја носи пресудата“,

Образложувајќи зошто бара условни казни Стефанова изјави дека за Мартин Протуѓер судот треба да ја земе предвид околноста што е „семеен човек, татко на три деца од кои едното се роди во текот на траењето на оваа постапка, како тоа дека е невработен, дека има медицинска документација со која покажува влошена здравствена состојба како за него така и за членови на потесното семејство. Како олеснителна околност да го има и фактот што во текот на целата оваа постапка беше присутен, имаше коректно однесување и даде признание на вина во момент кога првпат за тоа се створија услови после четири години траење на постапката. Има и отежнителни околности, а тоа е начинот на кој се преземени дејствијата на изведување, долготрајноста на дејствијата преземени во рамки на групата“.

За Билјана Бришковска-Бошковски Стефанова нагласи дека „денес даде исклучително впечатлива изјава од која јас како јавен обвинител, а верувам и судот ќе се убеди дека кај ова обвинето лице е постигната целта на специјалната превенција“.

Примена на законските одредби за ублажување и условување на казната обвинителката побара и за останатите обвинети Катерина Беловска, Киро Тодоровски, Мунир Пепиќ и Коста Митровски.

За повеќето од овие обвинети судскиот процес пред првостепениот суд ќе заврши со изрекување пресуда на наредното рочиште откако денеска и тие ќе дадат завршни зборови. Јанакиески и Протуѓер ќе добијат пресуда за делата за кои признаа, но ќе продолжи да им се суди бидејќи не признаа вина само за делото злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.

Судскиот процес ќе продолжи на 9 март за оние обвинети кои не признаа вина, меѓу кои се Илија Димовски, Никола Груевски и Кирил Божиновски.