Обвинителката се откажа од малата Тамара


Обвинителката Наташа Гоџовска која требаше да ја докаже грешката на системот за смртта на малата Тамара Димовска, која почина чекајќи операција во странство, не се појави на денешното судско рочиште и се повлекла од овој случај.

Според неофицијални информации, обвинителката се повлекла поради приватни причини, а Обвинителството ќе назначи нов обвинител кој ќе продолжи да го застапува обвинението.

„Поради нови околности кои настапија во периодот од претходната до денешната главна расправа, јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека постои законска пречка за понатамошно постапување во предметот. Од тие причини е доставено барањето за изземање. По прифаќање на барањето за изземање, ќе биде назначен друг јавен обвинител од ОЈО Скопје, а постапката ќе продолжи натаму со вообичаен тек“, велат од Обвинителството.

Ико обвинителот ќе се смени, сепак судскиот процес нема да почне од почеток. Во февруари во судот дојде да сведочи мајката на малата Тамара, Жаклина Димовска и се соочи со членовите на двете комисии, кои беа најодговорни за негативниот одговор за лекување во странство.

Рочиштето на кое сведочеше мајката се претвори во театар и надвикување во судницата. Атмосферата беше напната уште од самиот почеток бидејќи се чувствуваше гневот на мајката кон обвинетите, но и ставот на обвинетите дека неправедно седат на обвинителна клупа. Мајката раскажуваше пред судот низ што сè поминала во обид да го излечи своето дете, а адвокатите на обвинетите во вкрстено испрашување се обидуваа да наметнат теза дека мајката не ја носела редовно на контроли и дека дури и во својот исказ во обвинителството го згрешила датумот на смртта на својата ќерка.

Обвинение е поднесено против Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемаили Мехази, како директори на Фондот за здравствено осигурување, Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец-Банева и Никола Граматиковски, како членови на првостепената комисија која го донела првостепеното решение со кое се одбива лекувањето во странство на малата Тамара и против Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова, како членови на второстепената комисија кои го потврдиле првостепеното решение.

Обвинителството констатирало дека и првостепената и второстепената комисија, како основа за нивната одлука да не го пратат девојчето да се лекува во странство, ја зеле предвид изјавата на тогашниот министер дека пациентите со деформитет на ‘рбетот нема да одат во странство поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент сè уште не постоеле услови во Македонија за извршување вакви операции. Семејството на девојчето сега живее во Словенија, а нејзиниот дедо беше осуден бидејќи пукаше кон Тодоров. Првото рочиште за судењето беше закажано во јуни минатата година, но и по осум месеци нема епилог. (Ф.Ф.С.)