Обвинителката од СЈО до Јанакиески: Миле, сам си го уништуваш животот


Поранешниот министер Миле Јанакиески од затворот во Шутка завчера заврши во болница, а вчера повторно беше донесен од затворот на судење за случајот „Траекторија“.

Судењето се одложи бидејќи не дојде вештакот кој требало да даде исказ пред судот. Откако во судницата беа договорени следните датуми за рочиштата, на обвинетиот му пријде обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, која се интересираше за неговото здравје му рече дека со тоа што ја одбива храната самиот си ја влошува здравствената состојба.

„Миле сам си го уништуваш животот“, му рече Стефанова на Јанакиески. „Ова не е живот“, ѝ одговори Јанакиески на обвинителката и повторно беше спроведен во затворот во Шутка.

Според информациите на неговиот адвокат Еленко Миланов, Јанакиески го продолжува штрајкот со глад револтиран бидејќи му бил одреден притвор.

Јанакиески е револтиран бидејќи му беше одреден притвор за нелегалната продажба на државна земјиште, за истрагата што ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал.

„Некој инсистираше и сакаше да биде во притворско одделение, а можеше тоа да се реши со забрана за комуникација со одредени личности. Штрајкот е револт на однесувањето и определувањето притвор, иако тој е тука две години, постојано во судница, трипати беше во притвор, имаше актуелен куќен притвор, секогаш е достапен и нема ниту една забелешка за него“, вели Миланов.

Здравствена состојба е еден од условите за промена на мерката притвор во поблага мерка, но сепак за тоа ќе треба да одлучи кривичниот совет. „Како одбрана ќе размислиме дали ќе доставиме таков предлог до судот. Во овој момент само тоа ни стои на располагање“, вели Миланов.

Согласно законот, судијата на претходна постапка за последниот случај за кој се води истрага против Јанакиески, нелегално продавање на државно земјиште, за што ја доби и мерката притвор, може, но и не мора да одлучува за укинување на затворскиот притвор на ексминистерот.

Бранителите на Јанакиески побарале детално известување од претседателот на Кривичниот суд и од затворскиот лекар за тоа каква е здравствената состојба на Јанакиески, по што ќе биде известена јавноста.

Јанакиески завчера беше хоспитализиран во болница поради болки во бубрезите, му беше дадена терапија и пак беше вратен во затворот во Шутка. Јанакиески беше во куќен притвор како осомничен за организација на крвавиот четврток, но пак заврши во Шутка откако за него беше отворена нова истрага. Тој е обвинет во неколку случаи на Специјалното јавно обвинителство, но досега нема ниту една правосилна пресуда.