Обвинителка на која ѝ се плашат: Која е Вилма Русковска?


Фото: Б. Грданоски

Вилма Русковска, шефицата  на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и предложена за нова шефица на СЈО  е обвинителката која ја водеше истрагата за насилствата од 27 април, како и истрагата за бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија и стана азилант.

Русковска ги водеше и истрагите за „Диво Насеље“, „Змиско око“ и „Детонатор“.

Според Анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување на корупција, кога станала јавен обвинител, на свое име има пријавено куќа за одмор во Скопје од 50 метри квадратни и стан во Скопје од 80 метри квадратни.

Премиерот Заев на прес-конференција ја предложи Русковска за шефица на обвинителството кое ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција – со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејствување, што одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на државното Јавно обвинителство.

Во текстот на законот е вградена одредба дека првиот човек на ова јавно обвинителство ќе може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Советот на јавни обвинители. Сите обвинители од СЈО, како што се предлага, ќе продолжат да работат во новото обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.

ВМРО-ДПМНЕ гледа со резерва на предлогот Вилма Русковска да биде шефица на новото ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција. (Н.В.)

Фото: Б. Грданоски