Обвинителите од СЈО кандидати за тимот на Рускоска


Фото: Б. Грданоски

Речиси сите обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство конкурирале за петте работни места во Обвинителството за организиран криминал кое што го предводи Вилма Русковска. Вкупно стигнале 15 кандидатури од СЈО, а меѓу нив не се само обвинителите Ленче Ристоска и Стево Доневски. Екс-кадарот на СЈО, официјално, нема да има предност при изборот кој се очекува да заврши на средината на ноември. Од крајот на оваа година празна останува и функцијата републички јавен обвинител, бидејќи Љубомир Јовески заминува во пензија.

Обвинителските места веќе станаа тема за притисок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако таа не успеја да го спречи новиот закон за Јавното обвинителство по месеци блокада. Од оваа партија бараат  избор на јавен обвинител по предлог на опозицијата бидејќи тоа било предизборно ветувањена СДСМ пред да дојдат на власт.

„Овие мафијаши да си го исполнат ветувањето и да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител кој ќе го исече од корен криминалот почнувајќи од првото дело, па сѐ до завршувајќи го последното, без разлика на политичката припадност“, порача Мицкоски.

Експертите не се согласуваат со барањето на Мицкоски затоа што со тоа се нарушува независноста на судската власт. Според нив, тој треба да биде предложен од Советот на јавни обвинители. И од невладиниот сектор сметаат дека ниту опозицијата, туку Советот на обвинители треба да го именува јавниот обвинител на Македонија.

Најновиот Закон за Јавно обвинителство беше донесен во февруари, а стапи на сила на 30 јуни. Според него,јавниот обвинител на Македонија го именува Собранието, по предлог на Владата, за време од шест години со право на повторно именување, а останатите обвинители ги избира Советот на јавни обвинители, без ограничување на траење на мандатот. Најпрво, Собранието на предлог на Владата распишува оглас за именувањето на државниот обвинител најдоцна два месеца пред истекот на мандатот и во рок од 15 дена се пријавуваат кандидатите. Потоа Советот на јавни обвинители и доставува на Владата образложено позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати, а Владата доставува предлог за именување до Собранието од оние кандидати што добиле позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата кон предлогот се доставува и мислењето од Советот. Ако Советот на обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да утврди предлог за именување Јавен обвинител на Македонија и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот.