Обвинителите досега не сведочеле за шефицата

Ниту еден обвинител од Специјалното јавно обвинителство засега не бил повикан во Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција да даде исказ за скандалот во кој е вмешана нивната шефица, специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева. Официјално, од Обвинителството велат дека до овој момент обвинителите немаат дадено исказ, но меѓу двете обвинителства имало комуникација за случајот во кој засега има двајца осомничени, неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец.

Неофицијално, обвинители од Специјалното јавно обвинителство коментираат дека сите обвинители се отворени за соработка со нивните колеги, како што порача и обвинителката Ленче Ристоска. Еден ден по оставката на Јанева и по отворањето на случајот „Рекет“, обвинителката Ристоска ја потврди спремноста за соработка со институциите, но под превозот на тајноста што ја предвидува законот, не одговори дали обвинителите знаеле дека нешто се случува во обвинителството.

„Сето ова е предмет на постапка и ние имаме законска обврска да ја заштитиме истрагата. Ние за вакви прашања и одговори сме отворени прво и единствено за соработка со институциите кои го расчистуваат случајот. Прво да видиме што им е нив потребно и во која насока може да се помогне на институциите за потоа да изведуваме какви било заклучоци. Верувајте дека и во наш интерес е ова да се расчисти затоа што нашиот личен и професионален интегритет воопшто не е засегнат во ниту еден момент“,  рече тогаш Ристоска.

Во Обвинителството не била ниту обвинителката која го водеше случајот „Империја“, Лиле Стефанова, чиј осомничен, Орце Камчев, стана сведок во новиот случај. Сепак, обвинителката која го води случајот, Вилма Русковска, обелодени дека две обвинителки се нуделе да дадат исказ за случајот во кој е вмешана, но не и осомничена Јанева.

И додека Ристоска воопшто не го споменуваше името на својата шефица, Стефанова излезе и децидно одговори дека ниту еден документ од СЈО не излегол без потпис на Јанева.

Во меѓувреме, заврши вештачењето на телефонот кој ѝ беше одземен во понеделникот вечерта на специјалната јавна обвинителка.

„Вештачењето на мобилниот телефон е завршено. Но, со цел да не се попречи на натамошното водење на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција не е во можност да сподели детали околу содржината на извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.

Со ова, обвинителката Русковска може да добие докази плус, односно ќе може да провери дали Јанева комуницирала со Боки 13 и дали има некои други сомнителни броеви и пораки во нејзиниот телефон. Сепак, треба да провери дали овој е вистинскиот телефон, на кој Јанева била пуштана спикерфон додека Боки 13 барал рекет од бизнисменот Орце Камчев.

Вториот мобилен телефон на Јанева сè уште не е пројаден и не се знае на кој телефон се воделе спорните разговори.

Јанева веќе една недела е во илегала, еден ден по оставката и истрагата, никој не знае каде е. Истиот ден си отворила боледување и сега ја заменуваат двете обвинителки, Ленче Ристоска и Елизабета Јосифовска. Обвинителите немаат надлежност да издаваат наредби и да покренуваат обвиненија, но Јанева има дадено овластувања за обвинителите кои ги застапуваат предметите на СЈО пред судовите и работата на Специјалното јавно обвинителство воопшто не е стопирана.

Викендов Обвинителство заплени еден глисер во сопственост на второосомничениот Зоран Милески. Откако преку финансиска истрага е утврден целосниот имот на двајцата осомничени меѓу кои и глисерот на Кичеец, побарано е обезбедување на имотот, по што е дадена судска наредба и глисерот привремено е одземен.

Како што објави „Независен весник“, бизнисменот Орце Камчев за рекетот прво му се пожалил на премиерот Зоран Заев и тој прв го пријавил случајот во Обвинителството. Освен Камчев, на Заев му се пожалиле и други бизнисмени, а дел од нив рекетот го пријавиле во Обвинителството.

Последниот скандал со рекетот го направи еден од најбогатите Македонци, Камчев, од главен осомничен во „Империја“, сведок – жртва во друга постапка. Според официјалните информации, Камчев на Боки 13 му исплатил 1,5 милион евра, а Боки му ветил дека ќе издејствува кај Јанева за да му биде запрена истражната постапка. Она што фрла сенка во целиот случај е тоа што Камчев неочекувано, пред Нова година, по барање на СЈО, излезе од притвор во Шутка во домашен притвор. Документите од случајот „Империја“ ги зафати мистериозна поплава, а при едно од последните појавување на Јанева во јавноста таа одби да одговара на новинарските прашања за „Империја“.

На Јанева мандатот формално ѝ завршува на 15 септември, а дотогаш е формален претставник на институцијата која ја издигна на врвот, но на крајот на симна на дното.

Фросина Факова-Серафиновиќ