Обвинител бара од Трамп да сведочи во истрагата на неговата компанија


 Државниот обвинител на Њујорк побара поранешниот американски претседател Доналд Трамп да сведочи во рамки на процесот започнат поради евентуални измами во работењето на неговата компанија, пишува денеска Вашингтон пост.

Обвинителката на Њујорк, Летиша Џејмс побарала од Трамп да сведочи на 7 јануари, изјавија за весникот извори запознати со случајот.

Џејмс, која ги истражува деловните активности на поранешниот републикански претседател, се обидува да утврди дали „Организацијата на Трамп“ манипулирала со проценките на својот недвижен имот, пишува весникот.

Таа води истрага заедно со окружниот обвинител на Менхетен, Сајрус Венс.

Претходно оваа година, властите поднесоа обвинение против „Организацијата на Трамп“ и главниот финансиски директор на компанијата, Ален Вајберг.

Трамп, кој не е лично обвинет за никакво кривично дело или кршење на законот, истакна дека обвиненијата се политички мотивирани.