Обвинетиот Кешишов ја однел полицијата до местото каде била закопана Вања: Ќе ме убие Палчо!


Фото: Б. Грданоски

Кога Влатко Кешишов бил уапсен, по сомнежи за исчезнувањето на велешанецот Панче Жежовски, тој всушност полицијата ја однел до телото на Вања Ѓорчевска.

Како што денеска сведочеше началникот од МВР, Музафер Каришиќ, кој во тоа време бил заменик-началник, Кешишов му рекол дека ќе го однесе да му покаже нешто. Барал да одат сами, затоа што се плашел од другите, а постојано велел дека ако дознае Палчо – ќе го убие.

Најпрво ги однел до запалениот „ситроен“, за кој полицијата веќе знаела. Се премислувал да каже уште нешто, па најпосле влегол во автомобилот на полицијата и возеле по негови насоки. Кога стигнале надвор одСкопје на место што било депонија, стоен на страна и со главата покажувал накај исфрлени перници и душеци.

Почнале да копаат на местото кое тој им го посочил, па рекол: „Тука ја фрлија“. Тогаш го фатил началникот за рака и рекол „Мислам, тука е маленкото”. 

Кога началникот праша кое, Кешишов рекол тоа што го барате, девојчето.

Копале се додека не го виделе носот и едната нога, па сопреле. Кешишов појаснил дека Велимир и Палчо, ја зеле и тука ја фрлиле, а тој бил далеку. Каришиќ сведочеше дека се познавало оти Кешишов имал чувство на вина и повторувал дека е лош човек.