Обвинет полскиот земјоделец што бараше Путин „да ги среди Украина, ЕУ и полските политичари“


Полски земјоделец кој протестира против увозот на жито од Украина се соочува со обвиненија поради про-Путин транспарент. Тој на протестите на својот трактор покажа транспарент на кој пишуваше „Путин, воведи ред во Украина, во Брисел и кај нашите владетели“ за време на протестите на фармерите против украинскиот извоз во Полска, поради обвиненија за промовирање тоталитаризам и поттикнување омраза.

Протестот на фармерите се одржа низ Полска на 20 февруари. Тие побараа отфрлање на Европскиот зелен договор и запечатување на границите за приливот на земјоделско-прехранбени производи од Украина. Како дел од протестот, тие ги блокираа улиците, како и сите украински гранични премини, де факто суспендирајќи го украинскиот увоз и извоз низ Полска.

На излезот од автопатот А1 во Горжички, се појавија и земјоделци со околу 100 трактори кои ја блокираа трасата. На еден од нив беше истакнато знамето на СССР и транспарент со натпис: „Путин, направи ред во Украина и Брисел и кај нашите владетели .“

„Полската полиција веднаш реагираше на прикажувањето на срамотни слогани за време на протестот на фармерите во областа Воџислав. Полицијата и обвинителството преземаат дејствија во насока на член 256 став 1 од [Кривичниот законик]“, се вели во извештајот на полицијата.

Иако полицијата не разјасни дали фармерот е уапсен, тој сега се соочува со обвиненија според член 256 од Кривичниот законик на Полска за јавно промовирање на тоталитарен систем и поттикнување омраза за време на јавен протест. Осудите може да му донесат парична казна или до две години затвор.

Полскиот министер за внатрешни работи Марцин Кирвињски на Х потврди дека скандалозниот транспарент, чија фотографија кружи на интернет, бил веднаш отстранет од полицијата.