ОБСЕ: Процесот „Тенк“ за Груевски е пример дека може да се одговара за корупција и криминал


Доброто водење на процесот „Тенк“, според ОБСЕ, обезбедил рамнотежа во кривичната постапка, а начинот на кој судечкиот совет се справи со материјалните докази предложени од двете страни и дека тој треба да биде пример за други кривични совети

 

Мисијата на ОБСЕ наведува дека „пресудата беше добро образложена и јасно ги презентираше доказите на кои судот им дал верба, при утврдувањето на вината на обвинетите“

 

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во својот Конечен извештај за случаите под надлежност на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наведува дека процесот „Тенк“, во кој му се судеше и беше осуден поранешниот премиер Никола Груевски е добар образец дека е можно високо рангирани државни функционери да бидат обвинети и да одговараат за висок криминал и корупција.

Во делот на Извештајот наречен „Сеопфатна анализа на завршените предмети“, во кој се анализираат петте завршени предмети на СЈО, особено внимание му се посветува на случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ по барање на Гуевски и во кој беа осудени тој, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер за јавни набавки во МВР, Ѓоко Поповски.

„Без разлика на бегството од правдата на поранешниот премиер Груевски што следеше подоцна, овој судски процес беше пример дека е можно високо рангирани државни функционери да бидат обвинети и да одговараат за висок криминал и корупција“, наведува Мисијата на ОБСЕ.

Таа го оценува и донесувањето на пресудата:

„Пресудата беше добро образложена и јасно ги презентираше доказите на кои судот им дал верба, при утврдувањето на вината на обвинетите. Пресудата содржеше и јасно објаснување зошто судот ја отфрлил теоријата за случајот на одбраната“.

Во пошироката анализа на случајот ОБСЕ пишува:

„Предметот ‘Тенк’ се однесува на набавката на луксузно возило за поранешниот премиер Никола Груевски во 2012 година. Во текот на истрагата била откриена незаконската процедура за набавка на луксузно возило за ексклузивна употреба од страна на едно лице, а по конкретно барање и избор на корисникот (поранешниот премиер Груевски).

Генерално, јавните набавки се вршат врз основа на спроведена анализа на потребите, имајќи ја предвид должноста јавната набавка да му се додели на понудувачот што ќе понуди најниска цена. Во овој конкретен случај, истрагата покажала дека процесот на јавна набавка со користење јавни средства започнал со наредбата од Груевски, кој сакал да добие конкретен вид автомобил за себе.

Оттаму, не била извршена анализа на потребите. Постапката за јавна набавка била организирана на таков начин што предвидените услови и барања можел, всушност, да ги исполни само еден понудувач. Првостепениот суд ја објави својата пресуда на 23 мај 2018 година.

Поранешниот премиер Груевски беше осуден за сторено дело „Примање награда за противзаконито влијание“ според членот 359, став 2 од КЗ и му беше изречена затворска казна во времетраење од две години. Поранешниот помошник министер за јавни набавки во МВР беше осуден за сторено кривично дело ‘Злоупотреба на службената положба и овластување’ според членот 353, став 5 и став 1 од КЗ, а му беше изречена затворска казна во времетраење од шест години и шест месеци.

Пресудата беше добро образложена и јасно ги презентираше доказите на кои судот им дал верба, при утврдувањето на вината на обвинетите. Пресудата содржеше и јасно објаснување зошто судот ја отфрлил теоријата за случајот на одбраната.

На 5 октомври 2018 година, Апелацискиот суд ја потврди осудителната пресуда и изречената казна за поранешниот премиер Груевски, но изречената казна за второобвинетиот ја намали на четири години и шест месеци. На поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ѝ се судеше во одвоена постапка. На 8 октомври 2018 година, судот донесе осудителна пресуда против неа за делото ‘Злоупотреба на службената положба и овластување’ според членот 353, став 5 и став 1 од КЗ и изрече затворска казна во времетраење од шест години. На 28 март 2019 година, Апелацискиот суд ја намали казната за Јанкулоска на четири години затвор“.

Оценувајќи го процесот Мисијата на ОБСЕ наведува: „Без разлика на бегството од правдата на поранешниот премиер Груевски што следеше подоцна, овој судски процес беше пример дека е можно, високо рангирани државни функционери да бидат обвинети и да одговараат за висок криминал и корупција. Освен тоа, севкупното времетраење на судската постапка, од моментот на подигање на обвинителниот акт, па сè до правосилната пресуда, беше релативно кратко, односно околу 16 месеци за поранешниот премиер Груевски и другиот обвинет и околу 21 месец за Јанкуловска, поради нејзината бременост и мајчинство“.

ОБСЕ ги дава оценките зошто овој процес бил добро воден: „Судечкиот совет одлучи, материјалните докази (118 документи за првите двајца обвинети и 121 документ за третата обвинета) да се внесат во записникот со читање, но само преку внесување на називот на документот, датумот на издавање и неговиот автор, наместо да се чита целата содржина на документот на записник.

Ваквиот пристап беше применет како во однос на доказите што ги изведуваше Обвинителството, така и во однос на доказите на одбраната. На овој начин, на двата судечки совети им се овозможи да ги прифатат сите докази предложени од странките и да ја завршат постапката во еден разумен рок, уверувајќи се при тоа дека правата на обвинетите ќе бидат целосно заштитени.

Одбраната имаше доволно време соодветно да се подготви, имајќи предвид дека сите материјални докази ѝ беа доставени благовремено. Со читање само на насловите на документите, без да се чита целата содржина на истите, одбраната доби информација за конкретните документи врз кои Обвинителството ја заснова својата теорија на случај, така што имаше доволно време за соодветна подготовка“.

Мисијата на ОБСЕ уште оценува дека „Судечкиот совет во овој предмет успеа да постигне соодветна рамнотежа помеѓу правото на соодветни услови и можности за подготовка на одбрана и правото на судење во разумен рок, а покажа и дека постапката може брзо да се одвива, без притоа на кој било начин да се повредуваат правата на обвинетите“.

Преку начинот на кој се водеше овој случај овој случај ОБСЕ дава посредна препорака како би требало да се водат и другите процеси, не само на СЈО. „Таквата рамнотежа треба секогаш да се почитува во кривичните постапки, а начинот на кој судечкиот совет се справи со материјалните докази предложени од двете страни може да послужи како пример за другите кривични совети што би се нашле во слични околности“.

Процесот за „мерцедесот“ на Никола Груевски го водеше судијката Добрила Кацарска. (Љ.П.)