ОБСЕ очекува да ги спроведеме сите препораки од ОДИХР за изборите


Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, денеска изјави дека  е важно да се спроведат препораките што се даваат пред и по изборите и очекува Северна Македонија целосно да ги спроведе.

Во однос на борбата против корупцијата, таа, одговарајќи на прашање на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи, рече дека е одлично што Северна Македонија учествува во регионалниот проект за мониторинг на судењата за борба против организираниот криминал и корупцијата затоа што овој мониторинг ќе даде индикации каде треба да се зголемат капацитетите.

– Уште еден проблем кој влијае врз сите е трговијата со луѓе, проблем којшто се влоши за време на КОВИД-кризата. Тоа е поврзано со организираниот криминал и на ова прашање соработуваме со многу држави. Ова не е прашање кое може да го реши само една земја, рече Шмид.

Додаде дека борбата против корупцијата е прашање кое што влијае на сите и затоа е од приоритетна важност за ОБСЕ.

– Работиме на ова прашање. Имаме програми за многу земји, рече Халга Шмид.

На средбата се разговарало за следните чекори во контекст на нашето претседавање со Организацијата во 2023 година, подготовките кои се во тек; активностите на работната група во МНР како и воспоставувањето на структурата која ќе го понесе големиот товар од претседавањето во Виена.

Веќе од идната година Северна Македонија влегува во ОБСЕ тројката заедно со овогодишниот претседавач Шведска, како и, претседавачот во 2022 година, Полска. ОБСЕ преставува најголемата регионална организација на северната хемисфера, која опфаќа 57 земји-учеснички од Ванкувер до Владивосток, протегајќи се на три континенти Европа, Азија и Америка.

Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 е признание за политиките на соработка и дијалог, било посочено на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и  Шмид.