ОБСЕ објави дека 30.000 руски војници загинале кај Бахмут
Несразмерни жртви за напредување од само 25 километри за десет месеци борби
Од мај, руската редовна армија и приватната воена компанија „Вагнер“ изгубија меѓу 20.000 и 30.000 војници убиени и ранети во обидот да го освојат Бахмут, рече Јан Стабс, висок воен советник на британската делегација во ОБСЕ.
„Ова е огромна загуба на животи за вкупно напредување од околу 25 километри“, рече тој на Безбедносниот форум во Виена, истакнувајќи дека на овој начин „за секој поминат километар има повеќе од 800 убиени или ранети руски војници, повеќето од нив платеници на ‘Вагнер’“.
На сопственикот на „вагнер“, Евгениј Пригожин, му е сè потешко да ги пополни своите редови за, како што рече, „мелницата за месо“ во источна Украина, рече Стабс. Претходно, „вагнеровците“ отворија повеќе од 40 центри низ Русија за регрутирање борци за војната. Покрај тоа, на универзитетите почнаа да се регрутираат „волонтери“. Според Стабс, овие иницијативи нема да ги компензираат загубите, а групата нема да може да го задржи интензитетот на офанзивата во Украина.
Тој истакна дека покрај ова, Русија изгубила голем број тешки оклопни возила и била принудена да распореди тенкови Т-62 стари 60 години на фронтот. Според проценките на ОБСЕ, од летото 2022 година, приближно 800 такви возила се извадени од складиштето. И неодамна, во Украина беа откриени оклопни транспортери БТР-50 – ретка опрема што беше усвоена од армијата во 1954 година.
„Руската воена команда покажува впечатлив недостаток на компетентност и троши стратешки ресурси заради мали тактички победи“, заклучи Стабс.
Одделно, тој посочи дека Русија е без проектили, за што сведочат сè поголемите интервали со кои нејзината армија ја напаѓа критичната инфраструктура на Украина.
Стабс додаде дека оружјето од новата генерација со кое толку се фали руското раководство, вклучително и претседателот Владимир Путин, се покажало дека е лажно па се плашат да го испратат на фронтот. „Вистината е дека многу рекламираниот руски главен борбен тенк од новата генерација Т14 Армата се покажа како ‘бел слон’ кој едвај може да учествува на парадата, а камоли борбите во Украина. А руските воздухопловни сили се толку недоверливи кон повеќенаменските авиони Су-57 од 5-та генерација што се двоумат да го користат над Украина“, објасни тој.
Според Американскиот институт за проучување на војната (ISW), од 31 јануари до 28 февруари, руската армија успеала да го зголеми бројот на окупираните територии на Украина за помалку од 0,04% (234 квадратни километри). Извори од НАТО забележаа дека на секој убиен украински војник кај Бахмут има најмалку пет руски.