OБСЕ го обвини Трамп за флагрантна злоупотреба на службената положба

Меѓународните набудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во американските претседателски избори денеска го обвинија претседателот Доналд Трамп за „флагрантна злоупотреба на службената положба“, затоа што побара прекин на броењето на гласовите од изборите пред завршувањето на целиот изборен процес.

-Тоа што навистина вознемирува е фактот што шефот на американската држава побара да престане броењето на гласовите на средина од претседателскиот натпревар за Белата куќа, односно со сите знаци на моќ, и тоа поради неговата наводна победа. Тоа е флагрантна злоупотреба на положбата, рече германскиот пратеник Михаел Георг Линк, координатор на меѓународните набудувачи задолжен за следење на изборите во САД.

Изборниот штаб на Трамп вечервечер соопшти дека тој побара прекин на броењето на гласовите во државите Пенсилванија и Мичиген, како и пребројување на гласовите во Висконсин.

Линк за германскиот весник „Штутгартер цајтунг“ повтори дека обвинувањата на Трамп за манипулација се „неосновани“.

-Нашите колеги се уште се таму и тие можат да потврдат дека се прифатени, како и набљудувачите од различните политички тимови, и дека гласовите испратени по пошта се бројат на правилен начин, додаде Линк.

Според него, дури Трамп и да го признае својот пораз и да ја предаде претседателската функција како што е редот на неговиот наследник, неговите приврзаници, охрабрени од неговата реторика, би можеле да го сметаат насилството за легитимно орудие, бидејќи тие повеќе не се чувствуваат демократски застапени.

Линк предупреди дека ова е опасност што може да трае долго по изборите.