Образовни асистенти – нерешен системски проблем
Додека чекаат институциите да си ја завршат работата, многу родители оставаaт работа за да бидат со детето во училиште
Асистенти за ученици со попреченост во основните училишта се ангажираат од 2016 година, преку програмата за општинско корисна работа во соработка со УНДП. Пет години подоцна, од 2021, почна да се спроведува новиот систем за „Образовна асистенција“, со кој асистентите паднаа на товар на државниот буџет. Проблеми сè уште има и кај ангажирањето образовни асистенти за основците, а далеку од решение е за учениците во средно, бидејќи законот уште не е донесен. Додека лутаат низ лавиринтите на системот и чекаат институциите да си ја завршат работата, многу родители немаат друг избор освен да остават работа и да бидат со детето во училиште, или да го остават дома да не посетува настава.
Тече и втората недела од новата учебна година, а Никола (името не е е вистинско за да му се заштити идентитетот), четврто одделение во скопско училиште, уште нема образовен асистент да му помага во училиште, иако законски му следува поради неговиот аутистичен спектар. Откако се појави проблемот со ненавремено ангажирање на асистенти во училиштата, Никола, како и десетици други деца со попреченост, не може да биде на настава.
Или, ако отиде на некој час, со него седи мајка му.
Точниот број на деца кои од истата причина седат дома, наместо да се во училиште, Министерството за образование не го објави. „Независен весник“ има сознанија за десетици деца, со чие родители контактиравме, но тој број очекувано е да е поголем.
„Годинава, како што ни најавија, нема да имаме асистент до 15 септември. Лани со асистент почна на 1 септември, а годинава е многу лошо, затоа што исчекуваме, не знаеме како ќе помине денот. Некои од родителите не ги носат своите деца во училиште, додека не им се додели асистент, а некои ги носиме“, вели мајката на Никола. Таа појаснува дека се различна смена со поголемиот брат, па тој го чува додека не дојдат родителите од работа.
Додека Никола чека асистент, неговата до лани асистентка чека работа… Таа се пријавила на годинешниот конкурс, па очекува од следната недела да почне со работа, но не се знае дали истата асистентка повторно ќе работи со Никола.
Проблемот се провлекува со години
Годинава проблемот со образованите асистенти беше најизразен бидејќи учениците не ги добија на првиот училишен ден – но тој, всушност, се провлекува со години.
За тоа сведочи и мајката на Никола. Таа раскажува дека со него работеле дефектолози и логопеди од четигидишна возраст во сензорна соба, а кога стигнал на возраст да почне во училиште од МКФ му одобриле образовен асистент. Но, бидејќи во училиште почнал да оди во време на ковид пандемијата, не му бил доделен асистент.
Од ресурсниот центар подоцна, во текот на учебната година задолжиле образовен асистент да работи со него и со уште едно друго дете. Но, двете деца биле во два различни класа, па асистентката поголемиот дел од времето го поминувала со другото дете, а со Никола само половина час и тоа откако ќе завршат часовите.
„Во меѓувреме, додека немаше асистент за Никола, со него работеше една од наставничките во одделението и успеваа да одржат час“, вели мајката.
И на почетокот на второ одделение за него немало посебен асистент, мајката се пожалила во ресурсниот центар, па од таму му доделиле асистентка, откако претставници на ресурсниот центар дошле на увид во училиштето. Но, и со неа Никола немал напредок, па не сакал ни да седи со неа, му било страв.
„Никола бегаше од неа, имаше страв само што ќе ја видеше, ништо не работеше со него. Ужас! Треба да внимаваат кого примаат. По десетина дена, три месеци пред завршеток на учебната година во второ одделение, од службата во училиштето ми најавија дека Никола ќе има свој асистент. Го однесов во понеделникот. Жената беше стигната и уште од првиот момент тој ја прифати. Го научи на хигиенски навики, исхрана… За учењето немам збор, работеше со него како втора мајка“, вели неговата мајка која инсистирала и следната година синот да продолжи со истата асистентка.
Но, сега не знае ни кога воопшто ќе има асистент, а камоли дали ќе биде истата на која тој веќе се навикнал.
Сузана Стојановска од здружението „Доза среќа“, која е мајка на дете со Даунов синдром, раскажува какво искуство имале со образовните асистенти во годините наназад. Таа сподели свое, но и искуства на родители – членови во здружението.
„Ги пикнаа децата во образование, редовно, пред 7-8 години. Не се направи никаква евалуација дали асистентот одговара, дали има емпатија кон децата, па се случуваше асистентот да го малтрeтира детето на одморите. Јас сум мајка на дете со посебни потреби и првиот асистент што му го доделија беше во седмо одделение, и токму тој го тепаше на одмор, а беше со факултет. Затоа сметам дека небитно е колкаво образование има асистентот, најважно е да има емпатија, човечност за да работи со деца. Во осмо и деветто одделение немаше асистент за мојот син. Во средно повторно немаше, затоа што Град Скопје не можеше да му додели, бидејќи учеше во државно училиште, кое не е под капата на градот. Сега матурира и проблемот за нас заврши, но не се реши“, вели Стојановска.
Бидејќи веќе го „поминала патот“ искуството ѝ покажало дека промената на асистентите секоја година не е добра за децата.
„Сметам дека треба еден асистент кој ќе се додели на детето да го води не само во основно, туку да продолжи со него и во средно образование. На тој начин развиваат посебен однос со детето и се постигнува поголем успех, а со менување на асистентите на два-три месеци или секоја учебна година, тој континуитет се прекинува и успехот не е загарантиран. Можеби следниот асистент нема да се поврзе со детето, додека научи како да постапува со него, поминала учебната година, што е изгубена за тој ученик. Треба во Законот за образование да се вметнат асистентите и да се регулира нивната работа, со што би се осигурало и сите деца кои имаат потреба да добијат асистент на 1 септември“ – вели таа.
Околу 2.000 основци со попреченост, асистенти за половина од нив
Во наставата во редовните основни училишта во Македонија вклучени се 2.000 ученици со попреченост. Во средните училишта околу 300, велат од МОН за „Независен весник“.
Од друга страна, како што најави министерката за образование, Весна Јаневска, ангажирани се 815 асистенти, а во тек е постапката за уште 200.
Во Законот за основно образование, член 19, е регулирано како се бираат образовни и лични асистенти за учениците со попреченост: јавниот повик, селекцијата и изборот на асистент ги спроведува училиште со ресурсен центар, а начинот на кој се бираат и програмата за обука на асистентите ги утврдува министерот, на предлог на БРО; повикот, со претходна согласност од МОН, се објавува во најмалку два дневни весници; селекцијата на асистентите ја прави петчлена комисија од вработените во учелиштето со ресурсен центар, која ја формира директорот на училиштето. Асистентите се вработуваат на определено време, а средствата за нив се од буџетот на МОН.
Опозициските партии обвинија дека доцнењето е затоа што власта прави партиски списоци за да ангажира образовни асистенти. Јаневска, пак, рече дека доцнењето се должи на логистички проблеми со пет ресурсни центри и некои директори на училишта.
„Нема проблем со асистентите, има со училиштата. Пет дена работат го работат она што Министерството го прави во еден ден. Им велам на родителите, асистенти ќе има, очекувам во вторник да бидат таму“, рече Јаневска, нагласувајќи дека прашањето не било до самите асистенти, туку до справувањето со процесот на локално ниво.
Според неа, Министерството за образование и наука ја завршило својата задача, а „конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот“.
Родител кој ги следи огласите за асистенти вели дека оваа година огласот за образовни асистенти во дневен весник бил пуштен дури на 19 август, додека лани тоа се случувало во јули, до 8 август биле завршени и интервјуата и асистентите почнале на време со ангажманот во училиштата.
Од ресурсните центри велат дека е невозможно од асистентите да се пријават, да го поминат интервјуто и да почнат со работа во краток рок од недела-две. Причината е, како што велат, доцна распишаниот оглас. Одговорните во ресурсните центри што ги контактиравме, не сакаат јавно да коментираат за проблемот.
И Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) реагираше за доцнењето на ангажманот на асистенти во училиштата и апелираше до Министерството за образование и наука (МОН) да ја почитува обврската за обезбедување на правото на образование за секое дете без дискриминација.
Регулирано е и на кој му следува асистент и како треба да го побара. Според Правилникот за побарување асистенти, прво треба да помине проценката на службите што работат по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Тие треба да одлучат дали на детето му треба асистент, Индивидуален образовен план (ИОП), или модифицирана програма, согласно неговите можности. Потоа, основните школи мислењата на МКФ-службите ги доставуваат до основните училишта со ресурсен центар (ОУРЦ), според реонот во кој припаѓаат. Барањата за образовен асистент треба да се достават до крајот на март, ако се работи за деца од второ до деветто одделение, а за првооделенците – до јуни. На крајот, ресурсните центри ја тераат постапката преку јавен повик, спроведуваат обука и ги вработуваат асистентите на определено време, за тие да бидат подговени до почетокот на учебната година.
Образовниот асистент покрива по 4 часа дневно во училиште за ангажман од девет месеци.
Образовни и лични асистенти се ангажираат од 2016 година, преку преку програмата за општинско корисна работа во соработка со УНДП. Новиот систем за „Образовна асистенција“, со кој асистентите паднаа на товар на државниот буџет, се спроведува од 2021 година, во рамки на измените во Законот основно образование. Тогаш државата обезбеди речиси 60 милиони денари за 500 образовни асистенти. Година подоцна беше увидено дека таа бројка не ги задоволува потребите, па беа ангажирани 750 асистенти. Во 2023 година, нивната бројка беше 820 образовни асистенти во основно образование.
МОН не даде конкретна информација колку пари годинава ќе издвојат за образовни асистенти.
„Толку колку што треба“, беше одговорот на министерката Весна Јаневска.
Уште се чека инклузивно образование во средните училишта
Родителите на средношколците се’ уште го чекаат инклузивниот Закон за средно образование, за да можат и учениците во средно да добијат асистенти на товар на државата.
„Со новиот Закон за средно образование кој се подготвува во моментов, образовни асистенти ќе се ангажираат и во средните училишта, каде досега образовна асистенција се обезбедуваше преку разни проекти на локалните самоуправи и меѓународни организации. Со овие измени државните средни училишта за деца со попречености ќе се трансформираат во средни училишта со ресурсни центри и ќе функционираат на идентичен начин како и основните училишта со ресурсни центри. Тие ќе обезбедуваат кадровска и друг тип на поддршка за редовните средни училишта при организирањето на наставата за учениците со попреченост“, ни одговорија од МОН за тоа до каде е воведувањето асистенти во средните училишта.
Не добивме одговор од кога оваа можност би се вовела во пракса, колку асистенти се предвидува да бидат ангажирани и колку средства ќе има за нивен ангажман.
Но, затоа родители веќе ја презеле работата во свои раце. Во април 2023 година, Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна интерсекциска дискриминација врз основа на попреченост и возраст, што МОН и претходниот министер Јетон Шаќири ја сториле врз ученик во средно образование, затоа што ученикот не добил асистент.
Подносител на претставката бил ученик во трета година средно образование во ДУФК „Методи Мицевски-Брицо“ во Скопје. Мајката на ученикот го опишала своето талкање низ инстутуциите во потрагата по образовен асистент, при што ѝ било одговорено дека Законот за средно образование, што треба да ја регулира таа област, уште не е донесен. Комисијата утврдила дека ученикот е дискриминиран и му наложила на МОН да му обезбеди образовен асистент и исти услови за образование како на ученицуте без попреченост.
„И покрај напорите на многу организации да обезбедат континуирана стручна поддршка на МОН и МТСП во поглед на децата со попреченост, инклузивното образование и Меѓународната класификација на функционирање (МКФ), коишто се одвиваат повеќе од една деценија, реализацијата на терен не е доволно ефективна. Политиките сè уште се неадекватни, спроведувањето е непотполно, а правата на децата со попреченост и натаму се негираат. Затоа, препораките подолу започнуваат на системско ниво и одат многу подалеку од она што значи само одговорност на УНДП-се вели во анализа „ОБРАЗОВНИ И ЛИЧНИ АСИСТЕНТИ – СЕГА И ОВДЕ – ОТВОРЕНИ ПЕРСПЕКТИВИ“ што ја изработило УНДП.
Со овој текст, „Независен“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.