Образованието на најефикасната алатка во процесот на зелена транзиција: Експерти од ЗБ подготвуваат заеднички Акционен план
„Енергетска транзиција, развој на човечки капитал: Акционен план за поддршка на образованието и обуката за секторот за обновлива енергија“, тема на дводневниот регионален што се одржа деновиве во Скопје

Транзицијата кон обновлива енергија претставува еден од најголемите предизвици како за образовниот, така и за деловниот сектор, а за ефикасен одговор неопходно е образовните активности да бидат брзи во задоволувањето на тековните потреби, но и насочени кон иднината, планирајќи 10, 15 или дури 20 години однапред, со цел да се задоволат еволуирачките потреби на општеството. Во фокусот на овој процес се наставниците, кои мора да бидат „потковани“ не само со најново знаење во областа на обновливата енергија, туку и со разбирање на пошироките предизвици за социјална и еколошка одржливост.
Токму за овие предизвици деновиве во Скопје се дискутираше на Регионалниот состанок „Енергетска транзиција, развој на човечки капитал: Акционен план за поддршка на образованието и обуката за секторот за обновлива енергија“ на кој учествуваа експерти од стручното образование и енергетскиот сектор, претставници на министерствата за образование, стручното образование и обука, агенциите за квалификации и стопанските комори и бизнис секторот од шесте економии на Западен Балкан. Примарната цел на состанокот беше да се дискутира и одобри регионалниот Акциски план за поддршка на образованието и обуката за секторот за обновлива енергија со препорачани активности во образовниот сектор за поддршка на транзицијата кон обновливи извори на енергија.
„Главната цел на регионалниот Акциски план е да се истакнат некои од потребите на образовниот сектор и да се идентификуваат чекорите што треба да се преземат во иднина. Континуираната регионална соработка, справувајќи се со заедничките предизвици со кои се соочуваат економиите на Западен Балкан во транзицијата кон обновлива енергија, останува од суштинско значење. Иако се разделени во различни системи, сите економии ја делат оваа планета – со еднакви права и еднакви одговорности кон нејзината иднина“, истакна Тина Шариќ, директорка на Секретаријатот на ERI SEE.
На состанокот, што се одржа на 3 и 4 овој месец во Скопје, беа и експерти од енергетскиот сектор кои го споделија своето разбирање за предизвиците на транзицијата кон обновливи извори на енергија од различни перспективи.
„Во рамките на Европскиот зелен договор, секое евро доделено за зелената транзиција треба да биде соодветно инвестирано во градење капацитети и образование на сите општествени нивоа“, истакна д-р Александру Мурешан, главен извршен директор на „Ренергија“ и предавач на Техничкиот универзитет во Клуж-Напока, Романија. Тој посочи дека успешната и правична имплементација на зелената транзиција бара не само значително проширување на специјализираната работна сила, туку и пошироко општествено одобрување на одржливите технологии и прилагодувањата во однесувањето потребни за поефикасно искористување на ресурсите.
„Образованието останува најефикасната и најодржлива контрамерка против овој предизвик, особено во контекст на област толку сложена и интердисциплинарна како што е енергетскиот сектор“, истакна д-р Мурешан, инаку поранешен алумнус на EUSEW за млади енергетски амбасадори.
Во фокусот на неговото излагање, беше образованието како „тајно оружје на Европскиот зелен договор“, изнесувајќи посебна и стратешка перспектива за справување со предизвиците поврзани со работната сила што се својствени за зелената транзиција.
Од деловниот сектор интересни се искуствата на операторот на дистрибутивен систем ЕВН Македонија, преку програми за пракса и можности за студенти од стручно образование во рамките на програмите за двојно образование.
Виктор Димитриевски, претставник на ЕВН Македонија, се осврна на перспективата на операторот на дистрибутивен систем за проширување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) врз побарувачката на работна сила од единствената перспектива на двојното зголемување на ОИЕ во последните две години. Тој ги опиша начините на кои процесот на регрутирање беше оптимизиран од страна на ЕВН кон зголемување на нејзината ефикасност и ги опиша начините на кои компанијата пристапува кон регрутирањето и управува со своите потреби за човечки ресурси.
Иако станува збор за различни образовни системи, учесниците на состанокот беа едногласни дека е неопходен заеднички пристап преку Регионален акционен план за поддршка на образованието и обуката за секторот за обновлива енергија.
Нацрт-предлогот на Регионалниот акционен план за поддршка на образованието и обуката за секторот за обновлива енергија, што го претстави Александар Мацура, надворешен експерт, се базира на прегледот на обврските кон секторот за обновлива енергија на економиите од Западен Балкан и нивната моментална состојба, како и на анкетата спроведена меѓу наставниците од Западен Балкан за нивните потреби во областите на одржлив развој и секторот за обновлива енергија.
Беше отворена и дискусија на која учесниците дадоа свои оцени и сугестии за предложениот акционен план. Акцискиот план ќе биде финализиран по состанокот со консолидирање на придонесите од учесниците.
На состанокот беше презентирано и Регионалното климатско партнерство помеѓу Западен Балкан и Германија, кое има за цел да ги поддржи економиите на шесте земји од Западен Балкан (ЗБ6) за усогласување и спроведување на Парискиот договор, Европскиот зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан.
Советничката во ГИЗ, Илгин Варнеке, ги истакна обврските на Германија, која се обврза на до 1 милијарда евра во грантови и развојни кредити преку Банката за развој KfW до 2030 година и дополнителни 0,5 милијарди евра во промотивни кредити за енергетскиот сектор на ЗБ6, поддршка за проекти за сончева енергија и одржлив транспорт, градење капацитети и техничка соработка за мултисекторски реформи и проширување на инструментите за соработка во климата, како и економиите на ЗБ6 кои се обврзаа да спроведат политички реформи усогласени со законодавството на ЕУ, да поттикнат поволна средина за енергетските и климатските цели (2030) и да ја зголемат довербата на инвеститорите согласно Акцискиот план за Зелена агенда. На крај , таа ги истакна можностите за соработка и важноста на вештините и образованието за Регионалното партнерство за климата.
Конечната верзија на Акцискиот план за поддршка на образованието и обуката за секторот за обновлива енергија ќе биде објавена на веб-страницата на ERI SEE/RESET.
Регионалниот состанок „Енергетска транзиција, развој на човечки капитал: Акционен план за поддршка на образованието и обуката за секторот за обновлива енергија“ што се одржа во Скопје на 3 и 4 јули 2025 година беше организиран од Иницијативата за образовни реформи на Југоисточна Европа – ERI SEE во соработка со Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit – GIZ во рамките на проектот RESET за услуги за обновлива енергија во образованието и обуката. Проектот RESET го спроведува ERI SEE како дел од поголем регионален проект предводен од GIZ: Зелена агенда: Декарбонизација на секторот за електрична енергија во регионот на Западен Балкан. Проектот Зелена агенда е нарачан од Германското федерално министерство за економска соработка и развој – BMZ.
Повеќе информации за проектот на следниот ЛИНК.
(М.Ј.)