Образование 2024: Ревизија на Концепцијата, оптимизација на училиштата, контрола на факултетите
Учениците во основните и средните училишта се на зимски распуст и на настава ќе се вратат на 20 јануари. Учебната 2024-2025 ќе заврши традиционално на 10 јуни. Нема да биде продолжена како минатата година бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани. За оваа одлука Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.
Министерството доби ново раководство по промената на власта на крајот на јуни, чија прва одлука беше да се ревидира Концепцијата за основно образование, односно наставните програми за последната третина од деветгодишното образование, поради „реакции во јавноста, лоша интеграција на предметите и отежната организација и реализација на наставата“. Главната измена по ревизијата е враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во седмо, осмо и деветто одделение.
-Претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст, соопшти МОН во ноември кога ја објави ревидираната Концепција, откако претходно беше овозможено да се даваат сугестии од јавноста за измени на овој документ усвоен во 2020 година.
Согласно измените на Концепцијата, треба да биде изработен и нов наставен план за основното образование и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 и во двете наредни учебни години.
За учениците кои оваа година се седмоодделенци, решението за учебниците беше „преодно“ односно ги користат учебниците кои се применуваа по старите наставни програми, а за она што недостига и е предвидено за изучување, Бирото за развој на образованието изработи додатни материјали.
По преземањето на ресорот од претходникот Јетон Шаќири, министерката Весна Јаневска соопшти дека почнуваат промени во образованието, „замена на импровизациите и ад хок одлуки со инклузивни долгорочни политики креирани со придонес на сите засегнати страни“.
Покрај стопирањето на Концепцијата, нејзини први најави за новини во основното образование беа и оптимизација на училишната мрежа и постепено воведување едносменска и целодневна настава во сите училишта.
Планот е до крајот на мандатот услови за тоа да бидат овозможени за сите ученици до петто одделение во државава, кои ќе остануваат во училиштата до 16.30 часот, а за нивните дополнителни активности вон редовните часови ќе бидат ангажирани вишокот наставници кои сега работат во подрачни училишта во рурални средини со само неколку ученици во паралелка и не го исполнуваат фондот на часови.
Се работи за 3000 до 5000 наставници кои со реорганизирање на работата т.е. со оптимизација на основните училишта нема да останат без работа зашто ќе бидат ангажирани за целодневната настава. Наставниците ќе се префрлат во централните училишта заедно со малиот број ученици од подрачни училишта кои, пак, наместо да бидат изолирани од своите врсници, во урбана средина ќе имаат посовремени услови за настава, ќе бидат повеќе мотивирани да учат и да се натпреваруваат.
-Корист имаат децата, корист има и државата. Нема да трошиме средства на одржување на многу училишта и тие средства ќе се пренасочат кон учењето на децата. Откако ќе ја направиме оптимизацијата на мрежата, ќе продолжиме со проектот едносменска и целодневна настава. Децата од прво до петто одделение ќе работат со две учителки и во училиште ќе ги завршат сите свои обврски, кога ќе одат дома ќе бидат слободни. Од шесто до деветто одделение и во средно ќе одат на училиште само наутро, што е многу природно, тогаш се најефикасни – и учениците, и наставниците, изјави министерката.
МОН прави анализи со УНИЦЕФ и Светска банка за инфраструктурните потреби на општините за да се утврди каде ќе биде потребно да се доградат училници или, пак, да се изградат нови училишта кога станува збор за големите градови. За десет општини веќе се изготвени финални планови за оптимизација, која покрај придобивки во квалитетот на наставата и полн ангажман на наставниците, ќе значи и ефикасна и објективна распределба на буџетски средства за општините. Процесот продолжува и за останатите локални самоуправи, за што често се одржуваат средби помеѓу претставници на МОН, УНИЦЕФ, ЗЕЛС и општинските раководства.
Средното стручно образование станува сѐ попривлечно за учениците – и во оваа учебна година, како и во минатата, околу две третини од полуматурантите избрале да се запишат во стручно училиште.
Подемот на стручното образование во ноември го нотираше и Европската комисија (ЕК) во Годишниот извештај за напредокот на државата, каде што во делот за образованието беше посочена и соработката на компаниите, средните стручни училишта, стопанските комори и Министерството за образование и наука за поддршка на практикантството на учениците во приватни компании што резултирало со зголемен број дуални паралелки во учебната 2023/2024 година.
Во оваа учебна година, според податоците на МОН, над 550 компании организираат практична настава за речиси 4000 ученици од дуалните паралелки во 62 средни стручни училишта. Пет средни училишта во земјава прераснаа во регионални центри за стручно образование и обука, а за две други училишта веќе се донесени одлуки за трансформирање во вакви установи чија улога е да обезбедуваат кадар за потребите на бизнис-заедницата, да го развиваат и промовираат стручното образование.
Во извештајот на ЕК беше констатирано назадување кај македонските 15-годишни ученици во читање, математика и природни науки, според резултатите од ПИСА-тестирањето спроведено во 2022 година, кои беа објавени во ноември 2023.
Минатиот месец беа соопштени и слабите резултати од меѓународно ТИМСС-тестирање на ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик, спроведено во 2023 година. Од 58 држави, нашите ученици се на 44 место во математичка писменост и на 47 место во природни науки.
-За жал, ова не е новост, резултатите се лоши. Не можам да кажам дека се неочекувани, но се доказ дека се потребни промени во сѐ што го опфаќа образовниот систем. Промените во образованието не се ни лесни ни брзи. Но, почнати се и се надевам дека во еден разумен временски период ќе ги дадат и своите резултати, изјави Јаневска по објавувањето на резултатите.
На крајот на годината, во Собранието беа донесени законите за стручно образование и обука, за образование на возрасните, за учебници во основно и средно образование, за Националната рамка за квалификации и измените на Законот за основното образование. Предлог-законот за средно образование ја помина првата фаза во Собранието, но кога почна комисиската расправа во второ читање и по поднесените амандмани од ДУИ, МОН го повлече од собраниска процедура со образложение дека дискусијата се префрлила на политички план.
-Бидејќи се претвори во друга тема, а не тема за образованието, оценив дека е соодветно да се повлече. Но, тој повторно ќе биде поднесен во Собранието, со подобрен текст, посочи министерката Јаневска.
МОН формираше Национално координативно тело за реформи во високото образование чија цел е да направи план како да се подобри квалитетот и да се достигнат повисоки образовни стандарди.
Одлуката да се формира привремено тело во надлежност на МОН, кое ќе направи анализа на работата на сите државни и приватни универзитети и факултетите во нивниот состав, Владата ја донесе на седница во јули, а уште на првата седница, на 28 јуни 2024, новата влада ја поништи одлуката на претходната за основање Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга.
Задача на привременото тело е да „се справи“ со хиперпродукцијата на високообразовни установи во државата, „да ја запре ерозијата на високото образование“ и „да придонесе за промени што ќе доведат до квалитет“. Според МОН, првични резултати од неговата работа ќе има за една и пол година.
Инспектори почнаа да прават контроли и, по извршените надзори, пет приватни научни институти се затворени, а кај 15-ина се констатирани нерегуларности. Дел од институтите се затворени поради неактивност, а дел бидејќи не ги исполнувале законските услови за работа. За отстранување на неправилностите е даден рок од три месеци, по што повторно ќе се прават проверки.
Соопштувајќи ја одлуката да се формира тело за контрола во високото образование, премиерот Христијан Мицкоски за медиумите тогаш изјави дека е неопходно „воспоставување ред во установите“ и дека факултетите што нема да работат правилно ќе ја загубат акредитацијата.
– Ќе имаат разумен рок да ги отстранат недостатоците. Тие што нема да ги отстранат, ќе мора да затворат. Да ја изгубат дозволата за работа, да ја изгубат лиценцата, акредитацијата… Не може повеќе дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа не може да се случува и ќе мора да се смени, рече Мицкоски.
Во април почна реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, согласно договорот кој МОН пред една година го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“ како најповолен понудувач на меѓународниот тендер. По неколку месеци почна и реконструкцијата на домот „Стив Наумов“ во Скопје и, според планот, двата треба да бидат завршени за една и пол година од почетокот на градежните работи. Тие ќе бидат енергетски ефикасни и ќе имаат подобрена одржливост што ќе придонесе за почиста животна средина и ќе обезбеди финансиски заштеди.
Реконструкциите на „Кузман“ и „Стив Наумов“ се прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови. Во следните две фази ќе се реконструираат уште седум други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Проектот се реализира со заем од 20 милиони евра од Германска развојна банка и грант од 4,8 милиони евра од Европската Унија преку Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан.
По преговорите меѓу МОН и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кои почнаа од крајот на јуни, спогодба за покачување на платите за наставниот и друг кадар во образованието беше постигнат во средината на октомври, кога платите им беа зголемени за 5 отсто.
Спогодбата предвидува континуирано покачување во период од четири години односно до крајот на мандатот на оваа Влада платите на наставниците и останатиот персонал да пораснат за најмалку 46 проценти. Спогодбата ќе биде дел и од Колективниот договор кој треба да биде потпишан во февруари.
МОН соопшти дека покачувањето за 5 проценти од октомври 2024 е оптимално и според можностите на буџетот бидејќи, како што во повеќе наврати изјавуваше Јаневска, „претходната власт го оставила буџетот во крајно незавидна состојба“.
Премиерот Мицкоски го нарече „историски договор“ и најави ново покачување на платите на наставниците од 7 проценти во март 2025. Во зависност од состојбата на Буџетот, како што рече, во 2026 и 2027 година платите на наставниците и професорите ќе се зголемат за 7,5 до 10 проценти, додека во 2028 година за 10 до 12,5 проценти.
Постигнатиот договор со Владата беше поздравен и од СОНК. Лидерот на Синдикатот Јаким Неделков во октомври на Фејсбук објави дека со планираниот раст наставниците ќе имаат плата поголема од просечната во државава.
-Падна договорот… поголема плата за вработените во основното и средното образование. Според договорот, заклучно со март 2028 година, платите ќе се зголемат кумулативно за околу 50 отсто. Платата на наставниците конечно ќе биде над просечната плата во Македонија. Колективните договори за основно и средно образование ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, соопшти Неделков по постигнувањето на спогодбата.
Во високото образование, пак, на поголем дел од вработените на државните универзитети, од јануари 2025 платите се зголемуваат за 14 проценти, а на помал дел, односно на ненаставниот кадар, за 8 проценти.
Зголемувањето на платите на УКИМ се реализира врз основа на потпишан Колективен договор на Синдикатот на Скопскиот универзитет со Собранието. Идентично е зголемувањето и за другите државни универзитети откако беше направено дополнување на Законот за високо за да го добијат покачувањето. (МИА)