Обраќање на Пендаровски во ОН: Проблемите не може да се решаваат со историски митови и идеологии од 19. век


Македонија е подготвена „сите отворени прашања да ги решаваме низ дијалог на рамноправни субјекти“, рече претседателот Пендаровски во видео обраќањето

 

Македонија ќе остане посветена на мирно решавање на сите проблеми и во регионот каде што се наоѓа и во целиот свет, затоа што тоа нема алтернатива. Ова е една од пораките што ја испорача денеска претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на Генералното собрание на Обединетите нации. Неговото обраќање, како и на сите други говорници, беше преку видео врска – данок на глобалната пандемија на корона вирусот.

ОН оваа година слават 75 години од основањето, но оваа важна годишнина за мировниот поредок во светот по Втората светска војна не можеше да се направи онака како што доликува, туку тоа се прави од дистанца, секој државник се обраќа од сопствената земја преку видео технологијата.

На Пендаровски ова му беше прво обраќање до ОН откако лани стана претседател на Македонија. Тој во својот говор зборуваше за големите предизвици на светот соочен со Ковид-19, искушенијата за демократијата која е под удар насекаде на планетава, како и за потребата да се унапреди и продлабочи мултилатерализмот како единствен одговор во комплексната ситуација.

Во еден дел од говорот тој се осврна и на регионот и на двата договори што Македонија ги потпиша со Грција и Бугарија и рече дека нашата држава е подготвена „сите отворени прашања да ги решаваме низ дијалог на рамноправни субјекти“. Тој рече дека „нашиот регион сѐ уште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да не вратат во деведесетите години на минатиот век. Решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, излезот сигурно не е во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација“.

 

Еве го обраќањето на Стево Пендаровски во целост:

„Чест ми што имам можност за прв пат да се обратам од името на Република Северна Македонија на овој глобален форум, кој годинава, поради околностите во кои се среќаваме, има уникатно издание – за прв, и искрено се надевам за последен пат, без наше физичко присуство во седиштето на нашата организација.

Оваа 2020-та година е несомнено една од најтешките години која ја живее човештвото во поновата историја. Пандемијата за само неколку месеци, освен што однесе безмалку еден милион човечки животи, остави длабоки последици во речиси секоја сфера од нашето живеење, за што ќе ни бидат потребни години додека целосно закрепнеме. Ковид-19 предизвика тектонски промени во поредокот кој го знаеме, но ни овозможи и реален увид во националните капацитети на јавното здравје за справување со кризи од планетарни димензии.

Ковид-19 е само уште една во целиот спектар од кризи со кои се соочуваме како човештво и ниту една од нив не е целосно изолирана од другите. Здравствената криза е истовремено и економска и социјална, бидејќи предизвикува сиромаштија, а сиромаштијата е плодна почва за екстремизам и конфликти. Конфликтите ги загрозуваат човековите права и слободи и предизвикуваат хуманитарни катастрофи и бегалски бранови. Овој вител на кризи и закани генерира страв, неизвесност и недоверба и ги поларизира односите меѓу државите, но и внатре во државите, и конечно, го поткопува мултилатерализмот, кој денес ни е повеќе од потребен.

2020-тата треба да биде пресвртна година за сите нас. Денес, наместо постојниот статичен поредок настанат по Втората светска војна, потребен ни е функционален и динамичен систем на споделени правила и принципи во кои веруваме, прилагодени на новото време. Неопходен ни е нов модел на активен, инклузивен мултилатерализам, препознатлив по солидарноста меѓу нациите и хуманоста меѓу луѓето. Во овој контекст, една од големите задачи на Обединетите нации е да ни помогнат да го задржиме фокусот и да ја држиме будна колективната свест и совест за глобалното добро.

Кога се во прашање нашите заеднички цели, дозволете ми да потсетам на зборовите на поранешниот генерален секретар Даг Хамаршелд кој рече: ‘Целите на Повелбата се израз на универзално споделени идеали што не можат да потфрлат; но ние, луѓето, можеме да потфрлиме во нивното исполнување’. Со други зборови, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки тоа ќе ѝ го дозволат.

Затоа, за да го пребродиме овој период неопходна ни е солидарност меѓу државите што нема да се рефлектира само на здравствен план. Мора да бидеме солидарни и во поглед на иднината која треба заеднички да ја изградиме.

Трагедијата предизвикана од Ковид-19 не би смеела да се користи за кревање на геополитички тензии и зајакнување на геополитичкиот натпревар меѓу големите сили. Науката мора да остане настрана од логиката на профитот, но и од разорното дејство на пропагандата и дезинформациите. Политиките фокусирани на брзи резултати секогаш имаат краткорочен ефект. Ако кризите ги третираме изолирано една од друга, само ќе ги ублажуваме симптомите без да го излечиме човештвото. Затоа е неопходен интегрален пристап.

Пандемијата е можност и за преструктурирање на економиите, технологиите и начинот на живот, во согласност со принципите на одржливиот развој. Сиромаштијата нема да ја искорениме само со краткорочна финансиска помош за најсиромашните, туку, преку системско оспособување на тие луѓе да имаат достоинствен живот и еднакви можности да работат, да заработат, да формираат семејства. Ако постапиме спротивно на ова, јазот меѓу сиромашните и богатите ќе се продлабочува, а нееднаквоста ќе продолжи да се пренесува од една генерација на друга.

Гледаме дека веќе надоаѓа и нова генерација на нееднаквости поврзани со образованието, технологијата и климатските промени, што сигурно ќе предизвика нови, големи поделби во општествата. Тоа веќе го гледаме кај младите. Додека едни, разочарани од бесперспективноста, ги напуштаат своите држави, други бегаат кон инстантни задоволства и површни вредности.

Државите-членки мора да продолжат да се залагаат за универзално образование за сите, бидејќи токму образованието е најмоќниот гарант на човековите права и слободи.

25-годишнината од Светската конференција за жени, не потсетува дека е нужно да продолжиме да работиме на намалување на нееднаквоста меѓу мажите и жените што е сеуште реалност на многу места во светот. Исто така, треба да ја јакнеме во континуитет толеранцијата кон различните животни стилови и да ги штитиме овие групи од, за жал, широко присутното насилство врз нив.

Нашиот економски и техничко-технолошки развој мора да стане климатски неутрален. При тоа, треба да се фокусираме на развој и поддршка на иновативните еколошки пристапи и одржливи развојни стратегии. За жал, за да ги санираат економските штети од пандемијата, многу влади и компании веќе прават компромиси на сметка на еколошката и климатска агенда. Со тоа само го штитат неодржливиот економски модел на развој втемелен врз фосилните горива и користење на недоволно платена работна сила.

Ако се надеваме дека новите технологии можат и понатаму да бидат придружувани од нашите стари навики, само ќе ја влошуваме состојбата. Мора да учиме, да стекнуваме нови, одржливи навики што ќе бидат адекватни на новите технологии.

На сите ни е јасно дека времето за акција е многу кратко. Ни остануваат само уште 10 години за да ја реализираме амбициозната Агенда 2030. И пред пандемијата имавме потешкотии да имплементираме некои од нејзините клучни цели. А сега, за нивна реализација мора истовремено да ги ублажиме и економските и социјални последици од пандемијата која сѐ уште трае. За да победиме во оваа трка со времето, наместо половични мерки што само ги одлагаат последиците, потребни се храбри и долгорочни солуции за кои е јасно дека ќе ги надживеат владите што ги донеле.

Промоцијата на мирот и превенцијата на конфликти, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и со принципите на меѓународното право, немаат алтернатива. Тероризмот и насилниот екстремизам се закани за сите нас. Република Северна Македонија се приклучува кон повикот на генералниот секретар за глобално примирје и целосно почитување на меѓународното хуманитарно право во овие вонредни околности. Мојата земја, во рамки на своите можностите, е активен учесник во мировните мисии на ОН, но и во рамките на регионалните организации како ОБСЕ, Европската унија и во мисиите на Северноатлантската алијанса. Во овој контекст, ги поддржуваме напорите за нов договор за контрола на нуклеарното вооружување и сметаме дека настојувањето на нашите стратешки партнери во него да се вклучат и новите нуклеарни сили е важен придонес кон поголема ефикасност во спречување на нова трка за вооружување.

Како мала држава во југоисточна Европа, внесовме дополнителна стабилност во регионот решавајќи, со посредство на ОН, еден комплексен спор со нашиот сосед Грција. Сега договореното го спроведуваме во добра верба, од што корист ќе имаат и нашите две држави, но и регионот во целина. Истовремено, подготвени сме, сите отворени прашања да ги решаваме низ дијалог на рамноправни субјекти, за што значаен пример е Договорот за добрососедство и соработка со нашиот сосед Република Бугарија.

За жал, нашиот регион сѐуште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да не вратат во деведесетите години на минатиот век. Решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, излезот сигурно не е во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација.

Во овие рамки, многу е важно, инвестициите да не се сведат на вложување само во економиите. Демократијата, за која по крајот на Студената војна бевме уверени дека нема реална алтернатива, денеска е под жесток напад на популистички и авторитарни тенденции. Доколку сакаме да ја задржиме моралната супериорност на демократијата во однос на другите модели на политичко управување, мораме да инвестираме во неа, особено меѓу младите генерации. Во таа смисла, еден од фундаменталните предизвици пред нас е да вложуваме во едукацијата за демократските вредности за да ги потиснеме разбудените радикални идеологии, како неофашизмот, ултранационализмот и расизмот. Тоа е задача за државите и формалното образование, но не помалку и за системот на неформалното образование, како и за граѓанското општество.

За да биде успешна оваа битка се води на повеќе фронтови истовремено. Секоја држава, секој народ и секоја организација може да даде свој придонес. Но, предуслови за да ја постигнеме целта се ефективна меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни Обединетите нации, реформирани и прилагодени на новата реалност.

Со сите свои недостатоци, оваа организација останува единствената вистински глобална, неутрална и легитимна платформа за соработка. Во однос на потребата за нејзина темелна реформа, предизвиците пред кои сме сите исправени можат да се решат само со повеќе, не со помалку мултилатерализам, кој освен владите и државите ќе го вклучува и приватниот сектор, меѓународните владини и невладини организации, академските установи и здруженијата на младите, жените и маргинализираните, кои со право бараат вистина, правда и еднаквост.

Во духот на мултилатерализмот, Република Северна Македонија ќе продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ја поддржува работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции во креирање и спроведување на јавни политики за прашања од глобално значење.

Од нашите одлуки денес, во екот на пандемијата, зависи како ќе изгледа нашиот свет, по пандемијата. Ова е ретка можност, поддржувајќи ја светската организација и поддржувајќи се меѓу себе, да направиме чекори кон создавање помирен и поправеден свет во кој ќе биде обновена вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човековото достоинство. Јасно е дека само ако вложуваме во Обединетите нации ќе успееме да изградиме подобар свет и за сегашните и за идните генерации“.