(Обновено) Познат идентитетот на загинатите кај Драчево


Сообраќајка во Драчево

Петмина скопјани на возраст од 37 до 53 години загинаа во страотната сообраќајна несреќа што се случи вчеравечер пред влезот на Драчево. На четворица од нив им е утврден идентитетот, додека за петтиот загинат сѐ прибираат дополнителни информации. Од извори на екипите што вршеа увид, „Независен“ дознава дека автомобилот „рено 5“, кој се заби во камионот за превоз на отпад, бил управуван од Јованче Лазаревски (43). Покрај него, настрадаа и Аница Трајковска (53), Елена Трпевска (37) и Илјер Ајвазовски (40). Кај петтиот загинат е познато само името, но не и презимето, ниту адресата на живеење, поради што нема да го објавиме додека не добиеме официјална потврда.

Како што информираа од обвинителството, несреќата се случила петнаесетина минути пред полноќ, кога автомобил „рено 5“ со скопски регистарски таблички во коj се превезувале жртвите, од непознати причини преминал на спротивната лента на коловозот и директно се судрил со камион за превоз на отпад. Од здобиените повреди починале сите патници во автомобилот, тројца мажи и две жени.

Како што стои во соопштението надлежниот јавен обвинител издал Наредба за обдукција на телата на починатите, а ќе се врши и сообраќајно-техничко вештачење за да се утврдат причините за несреќата.