Обнова на Европа: Бугарија да престане да ја блокира  Македонија 


 Процесот на пристапување во ЕУ не треба да се користи од земјите-членки како средство за притисок за добивање отстапки од нивните соседи или да промовираат популистичка и националистичка агенда за домашни политички цели, вели во својата реакција парламентарната група Обнова на Европа во Европскиот парламент.

Групата Обнова на Европа силно го поддржува европскиот пат на Северна Македонија и ја изразува својата загриженост во врска со приговорите на бугарската влада за кандидатурата за членство на Скопје.

Во пресрет на видеоконференцијата на министрите за европски прашања, на која ќе се разговара за состојбата на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, Дачијан Чиолош (УСР ПЛУС, Романија), претседател на групата Обнова на  Европа , во името на групата порача дека крајно време е да започнат преговорите со Северна Македонија.

-Крајно време е да започнат преговорите меѓу Европската унија и Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго. Во име на групата на Обнова на Европа, го повикувам Советот да донесе наскоро рамка за преговори и, особено, Бугарија да престане да блокира и да го одложува почетокот на пристапните преговори. Среде пандемија, за Северна Македонија е поважно од кога било да го забрза процесот на реформи што ќе доведе до многу потребен социјален и економски развој, рече романскиот европратеник.

Илхан Ќучук, бугарски европратеник од редовите на Обнова на Европа, кој воедно е известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, вели дека е многу е разочарувачки што Бугарија и Северна Македонија не можеа да најдат компромис и дека официјалниот почеток на пристапните преговори е блокиран.

– Тоа е безизлезна ситуација, која го поткопува целиот процес на евроинтеграција и не им служи на граѓаните на Северна Македонија. Бугарија и Северна Македонија се две многу блиски земји, кои делат заедничко минато и треба да делат заедничка иднина во ЕУ. Се разбира, дискусиите за историјата не се лесни и мора да продолжат со текот на времето, но главната одговорност ја имаат политичарите, кои мораат да покажат лидерство, смета Ќучук.