Обложувалниците, автомат клубовите и казината ќе можат да работат и онлајн


Економските оператори што организираат игри на среќа ќе можат онлајн (преку интернет) да ја продолжат својата дејност, со што се создаваат услови да се сочуваат 7.500 работни места.

Тоа го предвидува Уредбата со законска сила што денеска ја донесе Владата за примена на Законот за игри на среќа и забавните игри за време на вонредна состојба.

„Со оваа уредба се обезбедува можност за наплата на приходи во Буџетот кои до донесувањето на одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, се генерираа од обложувалниците, автомат клубовите и казината и кои престанаа да се наплатуваат бидејќи на 15 март 2020 година приредувачите на овие услуги ги затворија сите уплатно исплатни места и деловни простории во кои ги приредуваат игрите на среќа“, се вели во соопштението од владината седница.

Претходно, министерката за финансии Нина Ангеловска на прес конференција најави дека од индустријата за игри на среќа се прибираат околу 40 милиони евра по основ на посебната давачка, а дополнително и од персоналниот данок на доход кој учествува со околу 10 отсто од вкупно прибраниот персонален данок.

Во дел од медиумите информацијаата беше протолкувана како забрана за вршење на оваа дејност на класичен начин. По ваквите шпекулации, реагираа и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) кои истакнаа дека очигледно станува збор за грешна интерперетација на изјавите на надлежните.

– Игрите на среќа продолжуваат нормално да се организираат како и досега. Истите се јасно регулирани со закон и дозволи за работа, а во индустријата остануваат вработени околу 8.000 директно вработени, како и повеќе од 50.000 индиректни работни места кои оваа индустрија ги подржува. Онлајн обложување веќе се организира, но само од страна на Државната Лотарија, а сега се разгледува можноста истото да биде организно и од страна на другите приредувачи на игри на среќа, образложија од АСОМ.

Од овааа асоцијација нагласија дека доколку уредбата биде прифатлива за сите засегнати страни, таа ќе овозможи и Македонија како сите земји во регионот да имаат вака организирана игра, дополнителни приходи во буџетот и подобри услови за играчите. Според проценките на АСОМ, меѓу 40 и 50 милиони евра годишно се одлеваат на странски сајтови за онлајн обложување и игри на среќа.