Објектот на Пошта избран во 12-те најзагрозени локалитети во Европа (фото)


Фото: Б. Грданоски

Објектот на Пошта на Северна Република Македонија се најде на листата на 12 најзагрозени споменици во Европа. Зградата на пошта влезе во потесниот круг на 12 загрозени објекти во конкуренција на околу 300 апликанти од разни европски држави, информираше денеска генералниот директор на Пошта, Јани Макрадули.

Фото: Б. Грданоски

-Ова претстваува претфинален избор во рамки на програмата 7-те најзагрозени за 2021 година, која ја спроведува Европаностра- Европскиот глас на граѓанското општество. Објекот на Пошта се најде меѓу 12 најзагрозени локалитети во конкуренција на околу 300 апликации од различни делови на Европа, од страна на интернационално советодавно тело, составено од експерти по историја, археологија, архитектура, конзервација, проектни анализи и финансии, истакна Макрадули.

Фото: Б. Грданоски

Финалната листа и првиот грант за 7-те најзагрозени објекти ќе биде позната и објавена почетокот на 2021 година.

-Доколку пошта биде избрана во овој финален круг апликанти, тоа ќе значи краткорочни и долгорочни планирања, кои ќе обезбедат трајно зачувување и повторно заживување на објектот и негово достојно предавање на идните генерации како заштитено културно и градителско наследство, нагласи Макрадули.

Фото: Б. Грданоски

Тој информира дека една од краткорочните мерки ќе биде и поставување привремен покрив за да се спречи натамошното уништување на објектот. Освен тоа, предвидено е функционално преиспитување на просторните можности преку спроведување јавни дискусии и дебати.

-Денес после повеќе години ги отвораме вратите за нова надеж на оваа некогашна главна шалтер сала на пошта. Овој најсилен симбол на постземјотресно Скопје, еден од најсветлите светски примери на модернизмот, граден по скопскиот земјотрес 1963 година, финализиран во 1974 година. Ова извонредно дело на македонскиот светски признат уметник Јанко Константинов, е многукратно наградуван проект во земјава и странство и изложен во МоМа во Њујорк. За жал, овој објект претрпе голема штета во пожарот во 2013 година. Куполата, внатрешните ентерниерни површини, специјално дизајнирани и фреските од Борко Лазески се уништени, истакна Макрадули.

Фото: Б. Грданоски

Тој потенцира дека е потребно овој објект да се обнови.

Фото: Б. Грданоски

Номинацијата на зградата на централната пошта била поднесена од Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) а поддржана од АД Пошти, како и од Министерството за култура.