Објавените мејл адреси и лозинки на Владата – сменети одамна


Фото: Б. Грданоски
По јавното објавување на стари службени е-маил адреси и лозинки на министерствата за финансии и економија, Владата ја известува јавноста за фактите поврзани со објавените податоци.-Се работи за листа од неколку адреси и лозинки од поранешен систем за службени е-маил адреси на министерствата за финансии и економија. Дел од е-маил адресите не се во функција повеќе години бидејќи нивните корисници не работат веќе во министерствата, а лозинките на сите објавени е-маил адреси се стари и се променети пред повеќе од 7 години и во тие сандачиња не може да се пристапи преку објавените лозинки.

И во двете министерства, од тогаш се обновени системите за службена електронска пошта и се поставени протоколи со сложени шифри за службените е-маил адреси, како и други протоколи за сајбер безбедност на системите со кои се намалува ризикот и веројатноста системот да биде компромитиран.

Во моментов немаме докази дека системите за електронска пошта на министерствата се хакирани во скоро време, ги испитуваме сите детали поврзани со овој случај.

Владата на РСМ константно работи на обнова и зајакнување на ИТ системите во институциите и ја изработи првата Национална стратегија и акциски план за сајбер безбедност, стои во соопштението на Владата.