Објавени резултатите од Годишниот конкурс за проекти во културата за 2025 година

Буџетот оваа година изнесува 814 милиони денари што е повеќе за 74 милиони денари од ланскиот буџет


Фото: Б. Грданоски

Министерството за култура денес ги објави резултатите од  Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година.

Министерот Зоран Љутков на денешната прес-конференција изјави дека буџетот оваа година изнесува 814 милиони денари што е повеќе за 74 милиони денари од ланскиот буџет. Во овие средства, предвиден е и посебен буџет за креативните индустрии, за кои ќе објават посебен конкурс во периодот што следува. 

Љутков појасни дека од оваа година воведуваат промени во начинот на финансирање на програмските активности за 18 национални установи, кои ќе добијат делегиран буџет, а тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на нивните веб-страници.

Како што посочи Љутков на прес-конференција, видно зголемување на буџетските програми има во дејностите драмска за 40 проценти, библиотечна, меѓународна и заштита на аудиовизуелните добра за 30 проценти, а во визуелни уметности, архитектура и дизајн, како и издавачка дејност за 25 проценти. 

-Овие промени имаат цел да создадат услови за поефикасно планирање и реализација на програмските содржини од страна на директорите, поголема автономија, но и поголема одговорност, а на овој начин ќе се истакне и нивната менаџерска способност. Целта на Министерството е целосно зајакнување на капацитетите на националните установи, а тоа ќе доведе до поголема независност и креативност во планирањето и спроведувањето на културните активности, додаде Љутков.

Во однос на распределбата на средствата, тој информираше дека оваа година е ставен акцент на финансиските потреби на националните установи, односно за нивно збогатување со квалитетни програмски содржини.

Во однос на Годишните конкурси, Љутков посочи дека преку системот за електронско аплицирање пристигнале вкупно 2 888 пријави, а поддршка добиле 1365 проекти.

 -Она што е особено значајно е фактот што, во согласност со видовите на проектите, во пријавите за 2025 година прецизно беше утврдено кој вид проект со колку средства максимално може да биде поддржан. Оваа јасна структура беше основа за транспарентна распределба на средствата. Исто така, со посебен акт беа утврдени и критериумите за именување членови на комисиите, чии имиња јавно ги соопштивме, за да ја потврдиме нашата посветеност кон транспарентноста и довербата на јавноста. Членовите на комисиите, кои се присутни на денешнава прес-конференција и на кои во оваа пригода уште еднаш лично користам можност да им се заблагодарам, во изминатиот период стручно и посветено извршија евалуација на проектите во согласност со исполнувањето на општите услови, рече министерот.

Тој најави дека со програмата за инвестиции, оваа година интензивно ќе продолжат да работат на изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, НУ Турски театар во Скопје и „Стар театар“ во Струмица, а ќе продолжат и со реконструкција на објектот на театарот при НУ Центар за култура во Куманово. 

Годинава ќе започнат и со реконструкција на објектот на НУ Музеј на Македонија и со реконструкција – санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар – Битола. 

Љутков најави дека во годишната програма, исто така, се предвидува и санирање на проодните тераси на објектот на Македонскиот народен театар во Скопје, санација на делови од објектот на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, како и санација на покривот на стариот дел од објектот на НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а ќе бидат целосно завршени санацијата и градежните активности на просторот наменет за НУ Џез-оркестар – Скопје.  

Тој додаде дека во тек е реализацијата на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје, кој е во постапка на промена на инвеститор, а по претходно одобрение од Владата, а тоа е, исто така, предвидено со оваа програма. Во тек е  објавениот тендер за градежно-конструктивни елементи, односно за испитување на челичната конструкција.

-Во следниве неколку години ќе работиме на Скопското Кале и Курбиново, кои годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани. Продолжуваме со забрзана динамика и на Плаошник. Целосна конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во с. Разловци 2025 – 2026 година, целосно завршување на активностите во Лешочкиот манастир, препокривање на црквата во Матејче. Завршување на капитален повеќегодишен проект – конзервација и реставрација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица, како и на капитален проект манастирот „Трескавец“, поточно црквата „Св. Успение на Пресвета Богородица“, при што, со повеќегодишен план е планирано да се реализира целосна заштита. Продолжуваме со забрзана динамика и на реставрација на Аквадуктот. За реализација на овој проект имаме и дополнителна финансиска помош од Амбасадорскиот фонд на Американската амбасада во Скопје, со износ од 205 000 долари. Во план е целосна реализација на основниот проект за архитектурата на куќата на Лазар Личеновски. Предвиден е и повеќегодишен план и финансиска динамика за театарот во Стоби и завршување на проектот Центар за посетители, рече Љутков.

Во рамките на програмата, Љутков напомена дека се поддржани повеќе јубилејни проекти на индивидуални музички и танцови уметници, при што ги истакна јубилеите, и тоа 100-годишнините на Кирил Македонски и Властимир Николовски и 120-годишнината на Стефан Гајдов. 

-Очекувано, годината ќе ја одбележи настапот на ексклузивниот Пласидо Доминго, кој првпат ќе настапи во Скопје, и тоа во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет. Очекуваме содржински и интензивни репертоари во нашите најреномирани национални установи НУ Македонска опера и балет и Македонска филхармонија, како и богата програмска понуда на „Охридско лето“, кои ќе бидат објавени во следниот период, рече Љутков.

Како што напомена, во програмските содржини на фолклорната и сценско-уметничката дејност, покрај зголемената поддршка кон двете најзначајни национални установи „Танец“ и Албански ансамбл за народни ора и песни, во фокусот беа и културно-уметничките друштва, фолклорните ансамбли и фолклорните здруженија кои бележат значајни јубилеи и годишнини. Исто така, додаде дека со соодветна финансиска поддршка се застапени и многубројни традиционални фестивали и манифестации.

Љутков рече дека во областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, програмата е конципирана со квалитетни, комплексни и разновидни проекти кои ќе донесат забележлив квалитет и избалансирана уметничка програма.

-Централните изложбени активности ќе се реализираат во Музејот на современата уметност и во Националната галерија на Македонија, кои содржински се разнообразни и вклучуваат  ретроспективно-монографски изложби, одбележување на јубилеи на значајни автори, тематски и проблемски изложби, изложби на рецентни автори, како и проекти од меѓународен карактер, а би ги издвоиле: 90 години од раѓањето на реномираниот македонски автор Стефан Маневски и  100 години од раѓањето на Јордан Грабулоски. Во остварувањето на оваа дејност, покрај националните установи и локалните установи, значајна поддршка за остварување на своите активности добија и многубројни корисници од невладиниот сектор и физички лица. Во рамките на програмата за визуeлни уметности, посебно место имаат и проектите наменети за најмладата популација, кои се во функција на на препознавање вистински уметнички вредности, градење млада публика и афирмација на ликовната уметност кај најмладите, додаде Љутков.