Објавени нови разговори меѓу Камчев и Груевски


Орце Камчев го бранат шест, а Сашо Мијалков тројца адвокати

На Јутјуб се објавени нови разговори во кои бизнисменот Орце Камчев во детали му кажува на пребеганиот екс – премиер Никола Груевски што кажал на исказ за случајот „Плацови на Водно“ во Обвинителството.

Во разговорот Камчев го убедува Груевски дека него не го споменал во никаков контекст и дека не очекува да има обвинение за случајот „Плацеви на Водно“. Камчев меѓу другото му се жали на Груевски дека сите предмети што се водат против него ги работи обвинителката Лиле Стафанова.

Не е познато кој ги објавил разговорите, ниту дали овој разговор е сниман со посебно истражни мерки или пак преку посебна апликација за снимање на телефонски разговори која може да се симне на секој паметен телефон. Според снимката, Груевски и Камчев разговараат пред обвинителството да поднесе обвинение за случајот „Плацови на Водно“ во 2021 година. И двајцата се обвинети. Груевски за перење пари, односно дека од партиската каса на ВМРО – ДПМНЕ купил плацови. Според обвинението, Камчев пак, преку купопродажба учествувал во застскривање на трагите дека имотот е на Груевски.

Но, минатиов месец Камчев во својата одбрана пред судот го кажа сосема спротивното, односно дека Груевски имал плацови на Водно и со него направил размена, при што на Груевски му дал три стана во комплекост Панорама во замена за плацовите.