Објавени нови „бомби“ за Јанушев и за Јанакиески


Нови две аудио снимки утрото се појавија на Јутјуб каналот „Обнова на РЕЖИМОТ“. Како и вчера, станува збор за телефонски разговори на актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во третата изборна единица, Игор Јанушев и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Во првиот разговор се слуша како носителот на пратеничка листа на
ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, се заканува дека ќе „убие“ извесни Даниела
и Ратко. Разговарајќи за компјутерите, се споменува дека требало да
бидат однесени во салата „Борис Трајковски“, со која во минатото
раководеше директорот Ратко Капушевски. Во понатамошниот разговор
Јанушев споменува дека гласал и се враќа кон Скопје.

Снимката почнува со Јанакиески кој вика: „Нема вика, нема во
Буњаковец уште лаптопи однесено“, а на ова бурно реагира Јанушев:
„Абе таа Даниела и тој Ратко, жими се, слушај ми го зборот, нека помине
денов утре ќе ги убијам. Вчера до 12 се расправавме со Ратко кај треба
да бидат компјутерите. Он ми вика ние се договоривме, ние имаме
систем сега да ни биде во ‘Борис Трајковски’. И Геле и луѓево што се,
Љупка и дечково со нив од Битола, отидоа во ‘Борис Трајковски’.Сега
Влатко ми се јавува ми вика во Буњаковец. Они прво меѓу нив се немаат
договорено“.

Во разговорот „Партиски списоци на ДПМНЕ за Телеком“ се разговара за
партиски списоци во кои се впишани вработени во „Телеком“. Според
разговорот, тие се сортирани според склучените договори и треба да му
се пратат на Жарко Луковски, поранешен извршен директор на
компанијата и обвинет во случајот „Базни станици“ кој почина во
ноември минатата година.