Објавени детали како дојде до пукањето на филмскиот сет каде Болдвин случајно ја уби Халина Хачинс


САД- Актерите и снимателската екипа на филмот „Р`ѓа“ штотуку се вратиле од ручек, а се случила несреќата во која Алек Болдвин не сакајќи ја уби директорката на фотографија и го рани режисерот.

Во еден момент, актерот Алек Болдвин и неколкумина други вежбале сцена во дрвената црква на прашливиот сет за снимање вестерн кој требало да изгледа како Канзас 1880 година. Веќе во другиот момент, две лица крвавеле од прострални рани, од кои се покажа дека едната беше смртоносна.

На сетот завладеале збунетост и шок.

Си-ен-ен донесува преглед на моментите пред и по несреќата, во која директорката на фотографија Халина Хачинс го изгуби животот, врз основа на записникот поднесен по претресот и повикот на 911.

Одеднаш се слушнал истрел

Филмот се снимаше минатиот четврток на ранчот „Бонанца Крик“, на филмски сет за снимање вестерн малку надвор од Санта Фе во Ново Мексико. Болдвин во филнот глуми одметник кој бега од властите со својот 13-годишен внук.

Утрата на филмскиот сет вообичаено почнувале со доручек во 6.30 часот, но тој ден доцнеле, поради незадоволство од платата и сместувањето на снимателската екипа. Тие заминале, а доведена е нова екипа.

Дури и со доцнењето поради ова, се чинело дека снимањето продолжува без проблеми, рекол режисерот Џоел Соуза на замениците на шерифот на округот Санта Фе во својата изјава.

Болдвин и членовите на екипата почнале да вежбаат сцена во разурнатата црква, паузирале за ручек, а потоа се вратиле на сетот.

Болдвин, облечен во облека каква што гледаме во вестерните, бил во близина на Соуза и на Хачинс, и уште неколкумина во едноставната дрвена конструкција. Поставена била една камера, но бидејќи сцената се вежбала, ништо не е снимено.

Помошникот на режисерот Дејв Халс, донел пиштол реквизит од количката пред црквата и извикал „ладен пиштол“, со тоа сакајќи да им даде до знаење на оние кои ќе го користат дека пиштолот не е наполнет. Потоа му го предал на Болдвин, кој седел на црковна клупа и гледал во камерата и екипата зад неа.

Болдвин демонстрирал „вкрстено извлекување“, кога пиштолот од футрола се вади со спротивната рака. Сцената барала да го впери пиштолот во камерата.

Во 13.50 часот, Соуза на полицијата ѝ рекол дека ја гледал сцената преку камера и екрани, кога слушнал „нешто што звучело како фиук на камшик, а потоа и гласно бум“.

Хачинс паднала наназад, држејќи се за стомакот и рекла дека не ги чувствува нозете. Соуза, кој стоел покрај неа, забележал крв на своето рамо.

Одеднаш настанал хаос.

Снимателската екипа веднаш реагирала, лекарот се обидел да го сопре крварењето на Хачинс, додека другите повикувале брза помош.

Организаторката на снимањето се јавила на 911

Во повикот до брзата помош, жената што се јавила се претставила како организатор на снимањето, лице кое директно одговара на режисерот и често се нарекува негова десна рака, а на диспечерот му раскажала што се случило.

„Две лица се случајно застрелани на филмски сет од пиштол реквизит. Веднаш нѝ треба помош“, рекла жената, споре транскриптот кој го објави Си-ен-ен.

„Режисерот и директорката на фотографија се застрелани“, додала.

Диспечерот ја прашал дали пиштолот бил наполент со куршуми.

„Тоа не можам да ви кажам“, рекла жената.

„Имаме две повредени лица на филмскиот сет, пукање… Седев, вежбавме и тргна, истрчав надвор. Сите истрчавме надвор. Преплашени и со болка се директорката на фотографија и режисерот.“

Потоа почнала да пцуе на засега непознато лице од сетот околу безбедноста на оружјето.

Стигнал и втор повик до 911, овојпат од непознат маж на сетот. Диспечерот му кажал дека итната помош е на пат и му понудил упатства како да го сопре крварењето на жртвите.

Повикувачот одговорил дека лекарот од сетот веќе почнал да им дава помош на застреланите. Во заднина се слушала какофонија од гласови.

Истражителите ја зеле облеката на Болдвин. Кусо потоа стигнала полиција.

Хачинс (42) со хеликоптер е префрлена во болница оддалечена 90 км од Албукерки каде е прогласена за мртва. Соуза (48) се здобил со прострелна рана на десното рамо и се опоравува.

Избезумениот Болдвин се пресоблекол и својата облека со крв ја дал на полицијата. Пиштолот реквизит го дал на оружарот, лице кое го надгледува огненото оружје на филмските сетови, кој ја озвадил потрошената чаура и ја предал на детективите.

Истражителите нашле два пиштола рекивизити, вестернски појас и куршуми.

Уште не е јасно што имало во пиштолот со кој пукал Болдвин.

Детективите откриле дека оружарката, Хана Гутерез, ставила три пиштоли реквизити на количката пред Халс, помошникот режисер да земе еден и да му го подаде на Бодвин.

Соуза, режисерот, на истражителите им рекол дека верувал оти пиштолот е празен и сигурен.

Детективите побарале налог за претрес за да земат повеќе работи како докази, меѓу кои оружје, муниција, камери, мемориски картички и компјутери.

Пет дена по трагедијата, повеќе прашања од одговори

Филмската индустрија сега ја оплакува Хачинс која ја гледале како ѕвезда во подем. Болдвин изјави дека срцето му е скршено.

Ранчот „Бонанца Крик“, кој се користи за снимање повеќе вестерни и ТВ серии, сега е затворен. Продукцијата објави дека снимањето на „Р`ѓа“ е сопрено барем додека не заврши истрагата за трагедијата.

Пет дена по настанот, уште има повеќе прашања од одговори.