Објавени дел од листите на граѓани кои ќе добијат по 6.000 денари помош од Владата

На веб страницата „Купувам домашно“ активирана е можноста граѓаните да проверат дали ги исполнуваат условите за да добијат по 6000 денари од четвртиот пакет владини мерки за справување со последиците од Ковид 19.

Се уште не се ажурирани податоците за самохраните родители, филмските работници и естрадните уметници. Листите за нив, како што е наведено, дополнително ќе бидат објавени.

Финансиската поддршка од 6.000 денари е наменета за граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.

Граѓаните кои ги нема на листите, а сметаат дека ги исполнуваат условите, можат да поднесат приговор на веб страницата најдоцна до утре, на кој треба да им биде одговорено во рок од неколку дена.

Иако првично беше одредено дека средствата ќе треба да се потрошат до 25 декември, од Министерството за еконоомија соопштија дека рок за искористување на парите ќе нема.

Се проценува дека со мерката за која се издвоени 27 милиони евра, ќе биде обезбедена помош за околу 300.000 граѓани за пазарење домашни производи.