Објавени „бомби“ за „Рекет“, Рускоска веќе знае за нив


На платформата Јутјуб денеска се објавени два аудио материјали за случајот „Рекет“ на кои наводно се слуша гласот на адвокатот Васко Димишков како споменува милиони евра за некаква работа што треба да ја заврши. Снимките се поставени од анонимен профил со називот „Али Баба Тредичи“.

Обвинителката Вилма Рускоска за ТВ 24 изјави дека нелегално снимените разговори за „Рекет“ Обвинителството ги имало и ги пуштило во судница на рочиште затворено за јавноста.  Според Рускоска, станува збор за исечоци од материјал во траење од  57 минути. Таа исто така изјави дека адвокатот Димишков не бил опфатен со процесот бидејќи за него немало докази.

Пресудата за предметот „Рекет“ беше изречена вчера. Судот на првообвинетиот во случајот, Бојан Јовановски – Боки 13, му изрече казна затвор од девет години, а на второобвинетата Катица Јанева затворска казна од седум години. Судот Јовановски го прогласи за виновен за сторени кривични дела – „примање награда за противзаконити влијание“ и за „перење пари“, а Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања.