Објавени аудио-снимки за Заев, СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ е во бунило


Фото: Борис Грданоски

Порталот „Инфомакс“ објави четири аудио-снимки од разговор во кој наводно се слуша лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред изборите во декември 2016 година. Снимките биле добиени од свиркач.

На снимките, кои веројатно се направени во некој угостителски објект, се слуша дека соговорникот мисли дека СДСМ ќе изгуби изборите што тогаш требаше да се одржат, а друфгата личност која би требало да биде Заев му вели: „Ќе видиш што ќе се случи“.

Во втората снимка „Зоран Заев“ вели дека нелегално прислушуваните аудио-материјали не биле во посед само на партијата. Во третата „Зоран Заев“ вели дека невладините организации биле зад него, а во четвртата има закани кон Орце Камчев.

Од СДСМ одговорија дека „ВМРО-ДПМНЕ е во бунило“ штом преку нелегални снимки ги промовирале политики на Заев.

„Во аудио разговорите, претседателот Заев категорично потврдува дека не постојат разговори кои се дадени на никаков Чауш и на никој друг освен на СЈО.

Разговорите потврдуваат дека граѓанскиот сектор е најсилниот поддржувач на правдата, на борбата против режимот и концептот едно општество за сите. Тоа се политиките кои ги поддржува граѓанскиот сектор, наспроти политиките на поделби, национализам и криминал и тоа е една од најголемите болки на режимското ДПМНЕ“, велат од СДСМ.