Објавена книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“


Во издание на Институтот за македонска литература, објавена е книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски. Како што сопшти авторот, книгата за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознатите или малку познати македонски жени со кои почнал развојот на македонското женско творештво – женско писмо.

На таков начин, објаснува авторот, се надминува сликата за немоста на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. 

Во книгата се дадени биографиите и се анализирани делата на Славка Динкова, Митра Миладинова, Ца­рев­на Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анас­та­сија Милошова, Евгенија Јанчулева, Јанка Каневчева, Ма­рија Зрнева, Султана Чикмакова и Олга Маџарова. Ис­­то така, накратко е даден осврт и кон записите, го­во­ри­те и пеењата на монахињата Параскева, ученичката Параскева Дим­кова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков.

Како посебни прилози на крајот од книгата, за прв­пат се изнесени делови од нивните творештва, со цел од пр­ва рака читателите да се запознаат со нивните идеи и стил на пи­шу­вање. Така, свое место тука наoѓаат повеќе ста­тии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. Сите понудени дела се преведени или адап­ти­рани според правилата на стандардниот македонски ја­зик. На крајот на книгата се дадени прилози во вид на фотографии на авторките и фак­си­мили од нивните објави и ракописи. 

Освен биографиите на авторките и нивните дела, во книгата се разгледуваат почетоците на македонското женско творештво – женско писмо, појавата на женското образование, омилените книги на тогашната женска читателска публика и првите македонски женски просветни и книжевни друштва. 

Според рецензентот проф. д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, оваа книга, како една од ретките монографии посветени на македонското женско писмо „претставува незаобиколна литература за натамошните истражувања што би се однесувале на об­лас­та на културната историја на Македонија и потесната дис­циплина – македонската литературна историја“.

Авторот Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од XIX век и е добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“.