Објавена книгата „Естетика: естетички категории“ на Иван Џепароски


Во рамките на едицијата „филозофски дисциплини“, во издание на „Аз-Буки“ од Скопје, деновиве излезе од печат книгата „Естетика:естетички категории“, на филозофот, естетичарот, теоретичарот на културата и поетот, Иван Џепароски.

Книгата „Естетика:Естетички категории“ е дело во кое се сумира повеќедецениското занимавање на авторот на оваа книга со прашањата на естетиката и на филозофијата на уметноста. Авторот оформува едно сопствено толкување на т.н. систем на естетичките категории и на еден оригинален и автономен начин, но и врз основа на најзначајните достигнувања на планот на систематската естетика во светот, ѝ нуди на нашата културна и научна јавност дело посветено на темелите на естетиката како филозофска дисциплина.

Иван Џепароски е автор на голем број филозофски и книжевни дела а за своето творештво има добиено голем број награди, меѓу кои и „Млад Борец“, „Димитар Митрев“, „Григор Прличев“, „Браќа Миладиновци“ и др. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по Естетика и Филозофија на културата. Некои од неговите есеи, како и поезијата, се преведени на над дваесет странски јазици во светот.