Објавена „Домовница 2“ од д-р Зеќир Рамчиловиќ


Во издание на издавачката куќа „ДИВАН“ од Скопје, од печат излезе книга на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ со наслов „Домовница 2“ (Книга 1, Том 2). Ова дело претставува продолжение на првиот том на „Домовница“, со што се заокружуваат повеќегодишните податоци и се комплетира научното истражување за демографската историја и идентитетот на населението од Горни Бихор, Црна Гора.

Целиот проект започна со дигитализација на старите матични книги кои авторот ги пронајде во 2015 година во Петњичката џамија. Покрај воведните напомени, историјата на овој крај и длабоките демографски анализи, книгата носи автентични податоци за потеклото и континуитетот на населението на Бихор од втората половина на XIX и првата половина на XX век.
По големиот интерес на јавноста, и промоцијата на првиот том во Петњица, Црна Гора, двата тома од ова капитално дело ќе бидат официјално претставени во Сараево, на свечена промоција која е закажана за 10 септември 2026 година.

Рецензијата на оваа публикација ја потпишуваат проф. д-р Драшко Дошљак и д-р Саит Ш. Шаботиќ. Лектурата на книгата ја изврши м-р Авдулах Рамчиловиќ, дизајнот на корицата го потпишува Иван Васевски, додека за техничката подготовка беше задолжен Един Рамчиловиќ. Книгата ја отпечати печатницата „Аурора“ од Скопје, а нејзиното објавување е суфинансирано од Министерството за дијаспора на Црна Гора.

Авторот, проф. др Зеќир Рамчиловиќ, е научен советник во Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. До 2025 година беше на должност амбасадор на Северна Македонија во Црна Гора. Во својата богата академска кариера има објавено повеќе од седумдесет научни и стручни трудови, како и десет книги.

Заедно со првиот том, „Домовница 2“ претставува клучен придонес во зачувувањето на колективната меморија на иселениците, но и силен механизам за зајакнување на културните и семејните врски со родниот крај