Објавена анкетата на Град Скопје за предлози за нови имиња на топонимите


Град Скопје денеска објавува анкета за прибирање предлози за нови имиња на топоними (улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти).

За таа цел објавен е онлајн прашалник (https://skopjelab.typeform.com/to/tyGGmL) преку кој на граѓаните им се овозможува да ги испраќаат своите предлози за топоними преку интернет, со одговарање на неколку прашања што одзема не повеќе од 5 минути. Прашалникот ќе биде отворен до 18.08.2019 година.

Оние граѓани што не користат интернет своите предлози со кратко образложение можат да ги испратат преку пошта на следната адреса: Град Скопје, Совет на Град Скопје, бул. Илинден, бр. 82, најдоцна до 18.08.2019 година.

Согласно со Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, имињата на градските топоними „можат да бидат определени со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња“.

Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје која има за задача да ја состави листата на имиња во согласност со одредбите на овој Закон и истата ја доставува во форма на предлог до Советот на Град Скопје, кој ја утврдува истата по претходно добиени мислења од општините и согласност од Владата.

Граѓаните ќе имаат можност да предлагаат само имиња на топонимите, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња. Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје ќе ги разгледа предлозите на граѓаните, но нема обврска сите предлози да ги вклучи во листата која ќе му биде предложена на Советот.

Во членот 6 од истоимениот Закон пропишано е дека не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на Република Северна Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Република Северна Македонија и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал. Во едно населено место две и повеќе улици не можат да имаат исто име. Името на топонимот не може да има повеќе од четири збора.

При составувањето на оваа листа Комисијата ќе води грижа за застапеноста на предлог имињата кои означуваат личности и настани од значење за историјата, културата и науката на граѓаните кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.