Објавен тендерот за автопатот Скопје-Блаце


Владата го објави тендерот за првите 2 километри од автопатот Скопје-Блаце, од граничниот премин до клучката Блаце. Автопатот ќе има две ленти за возење широки 3,5 метри и една за застанување, една клучка кај селото Блаце и два кружни тека. Ќе се вози со 100 километри на час.

Финансиите за автопатот се обезбедени, објавија вицепремиерот Бујар Османи и директорот на државни патишта Зоран Китанов. Надлежните се оптимисти дека изградбата ќе почне годинава. Рокот да се изградат овие 2 километри е 18 месеци. За овој дел претпријатието има обезбедено 10 милиони евра, но колку точно ќе чини ќе каже тендерот.

Во меѓувреме, ќе се работи на проектирање и на вториот дел до Скопје, во должина од 10,5 километри.

Китанов најави и забрзување на изградбата на патот Кичево – Охрид. Надлежните денеска ќе го разгледуваат планот за тоа како ќе се одвива динамиката. Секој изграден километар од автопатот ќе се пушта веднаш штом е оспособен за возење, со цел да се растоварува сообраќајот, вели Китанов.

Според планираното, овој автопат треба да биде изграден до средината на 2021 година.