Објавен повик за реконструкција на 14 улици во седум општини


Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за реконструкција на 14 улици во седум општини, во рамки на Проектот за „Поврзување на локaлни патишта во општините”.

-За општина Кавадарци, јавниот повик се однесува за реконструкција на четири улици и тоа  „Максим Горки„, „Слога“, „Велко Влаховиќ“, „Димката Ангелот Габарот“. За општина Градско, јавниот повик се однесува за реконструкција на обиколница Градско, во општина Росоман, објавен е повик за реконструкција на улицата „Гоце Делчев“, а во општина Босилово за улица во н.м. Иловица, две улици во н.м. Штука и локален пат од местото Еднокуќево до магистрален пат А4, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Јавен повик е објавен и за општина Струга и тоа за реконструкција на локален пат во село Мороишта, за општина Дебар за реконструкција на улица „Мрежен Венец“ и улица „Еќерим Зенго“ и за општина Вевчани за реконструкција на улица од Здравствен Дом до Шопев Мост.

Како што соопштуваат од Министерството, средствата за реконструкција на конкретните улици се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, преку проектот за подобрување на локалните улици и патишта кој е со вкупна вредност од 70 милиони евра. Целта е подобрување на урбаното живење во рамки на општините заради локален економски развој и подобрување на животот на граѓаните.

Во рамките на овој проект, до сега опфатени се 50 општини со околу 110 улици. Министерството за транспорт и врски, велат оотаму, континуирано работи на реализација на овој проект во сите општини во Република Северна Македонија. Воедно упатуваме и апел до сите општинте кои до сега не аплицирале, да достават готови проекти заради навремено искористување на средствата предвидени со овој проект.