Објавен оглас за инженери за коридорите 8 и 10д – плата до 70.000 денари, работно време 40 часа

Се бараат градежни инженери со завршен факултет, потоа координатори, административни работници, но и возачи со средно образование


Од камен-темелникот кај Тетово

Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за привремено вработување на работници за проектот за изградба на четирите автопати на изведувачот „Бехтел и Енка“ на Коридорот 8 и 10д. Вработувањата ќе траат до завршувањето на проектот, односно до 22 јануари 2028.

Во огласот за вработување на Јавното претпријатие за државни патишта, според правилникот за систематизација, се бараат градежни инженери со завршен факултет, потоа координатори, административни работници, но и возачи со средно образование и возачка дозвола од Бе категорија. 

Иако, за изградбата на овие коридори, во процедура се измени на закони за продолжување на законски дозволеното работно време од 40 часа неделно на 60, за овие работници, времето е ограничено на 40 часа неделно..

Со оглесот се бара и еден помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер и ќе добива основна плата од 70.052 денари. Работното време ќе му биде осум часа дневно во прва смена.

Се бара и еден координатор на единицата за подготовка на проектот. Тој ќе треба да има завршено на некој од факултетите за општествени науки, ќе работи 40 часа неделно и ќе добива нето-плата од 60.005 денари. ЈПДП има потреба и од еден координатор „на единицата за техничка изведба на проектот“, кој треба да биде градежен инженер за 65.029 денари.

Инаку, по потпишувањето на договорот, Артан Груби беше назначен за главен координатор на проектот.

Со огласот се барата и  четворица специјалисти што се разбираат во експропријација на имот, а при тоа треба да имаат завршено факултет од општествените науки и градежништво. И за нив ќе важи истото работно време, а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари. Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот. Треба да имаат високо образование, но не е важно во која струка. Ќе работат од понеделник до петок по 40 часа и ќе добиваат исто така плата од 45.045 денари.

Се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.

На огласот се отвораат и пет работни позиции за „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. За нив зе бара да се градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55.037 денари. За истата плата се бара и еден „урбанист“, еден геодет, како и двајца „специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација“. Оваа плата ќе ја добиваат и двајца што се разбираат во заштита на животната средина, еден електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер.

Огласот ќе трае до 25 април, а директорот на ЈПДП ќе формира комисија која ќе треба да ги селектира кандидатите. Изборот може да трае од 45 до 120 дена, во зависност од тоа колку кандидати ќе се пријават, што може да се види и на линкот објавен на 13 април на веб-страницата на јавното претпријатие.

За автопатите што треба да ги гради „Бехтел и Енка“, уште не почнати, се крена голема врева во јавноста, откако беше откриено дека се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Изборот на фирма за надзор, исто така, наиде на осуда во јавноста.

Проектот беше официјализиран на 4 април на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово – Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола, а за последниот најавен е сличен настан како оној кај тетово, во мај.