Објавен конкурсот за „Мостови на Струга“ 2022 во соработка со УНЕСКО
Распишан е конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2022 за најдобра дебитантска книга од млад автор која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО. Право да учествуваат на конкурсот имаат дебитантски книги на млади поети под 35 години.
Конкурсот трае до 20 февруари 2022, до кога сите книги и пријави треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата, или во електронска форма.
Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март 2022, а ќе биде поканет и да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга, кон крајот на август 2022, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Инаку, наградата „Мостови на Струга“ беше востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото.
Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.