Објавен е нов план на ЕУ за забрана на возила со дизел и бензин


Европската комисија предложи дозвола за продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година, доколку тие се климатски неутрални е-горива, покажа документот што го виде британската агенција Ројтерс.

На тој начин Комисијата попушти пред германскиот притисок и сугерираше дека таквите возила би можеле да бидат меѓу дозволените од 2035 година, под услов новите технолошки решенија да го спречат нивното возење доколку се користат други горива освен еколошки, стои во предлогот на Комисијата до германското Министерство за транспорт.

Во понеделникот беше објавено дека разговорите со Комисијата за планираната забрана за нови мотори со внатрешно согорување од 2035 година напредуваат, но дека не може да каже кога ќе биде постигнат договор.

Притисокот на Германија

По неколкумесечни преговори, Европскиот парламент, Европската комисија и земјите-членки на Европската унија минатата година се согласија на закон со кој од 2035 година ќе биде невозможно да се продаваат автомобили со мотор со внатрешно согорување.

Но, Германија го објави своето противење во последен момент овој месец, барајќи да им се дозволи на новите автомобили со мотори со внатрешно согорување да се продаваат по тој датум доколку се напојуваат со е-горива.

Француската министерка за европски прашања го отфрли германското спротивставување на законот со кој се бара новите автомобили што се продаваат во ЕУ да бидат со нулта емисија на штетни гасови од 2035 година и рече дека таа треба да го поддржи претходниот договор.

„Треба да се држиме до договореното. Не се сомневам дека Германците ќе се договорат со своите колеги за ова“, изјави француската министерка Лоренс Бун за новинарите во Брисел.

Не останува уште многу време

Комисијата има мал простор за маневрирање за да постигне договор, бидејќи Европскиот парламент рече дека нема повторно да го отвори конечниот текст договорен минатата година. А има уште многу малку време до европските избори следната година.

„Не можемеда си дозволиме да бидеме ставени под временски притисок бидејќи не сме ние тие кои го оставија прашањето отворено со месеци“, рече претходно германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг, тврдејќи дека Комисијата требаше да го реши ова прашање минатото лето.

Не беа прифатени ниту предлозите за формирање работна група за разгледување на опциите за е-гориво и согласноста за повторно разгледување на законот во 2026 година, што е вообичаена практика за законите на ЕУ. „Тие не се она што ни треба“, рече Висинг.

Но, Франција не е заинтересирана за промена на мерката, затоа што преговорите за  договорот траеја речиси две години , по што тој беше финализиран за време на француското претседателство со Советот на ЕУ минатата година. Одложувањето на планот „не е економски кохерентно, тој е индустриски опасен, не е во наш национален интерес, не е во интерес на нашите национални производители и, пред сè, не е во интерес на планетата“,порачаа Французите.

Во спорот, Франција се согласува со другите земји кои ја поддржуваат целта за еколошки автомобили од 2035 година, како што се Шпанија, Белгија, Шведска, Данска, Ирска и Холандија. Спорот ги поткопува напорите на Европа да биде глобален лидер во намалувањето на емисиите на стакленички гасови и ризикува да се прелее во пошироки дебати за рамнотежата на моќта во европската политика.