Обилни дождови повторно ја зафатија Словенија: Реките надојдоа, морето се излеа, се слушаат сирени


Цела Словенија во текот на ноќта беше зафатена од врнежи, а најобилни на западот од земјата. Поради плимата и осеката се огласија сирените во Пиран и Изола. Реките во западниот дел на земјата веќе почнаа да се издигнуваат, а ќе се зголемат и водотеците во другите делови на земјата. Особено е загрозен сливот на Купа, реката чиј тек претставува природна граница меѓу Словенија и Хрватска.

Според прогнозите на Агенцијата за животна средина (АРСО), ќе се поплават претежно помали реки во западна, северна, централна Словенија и во сливот на Купа, а можни се и поројни водотеци.

Најмногу врнежи во текот на ноќта имало во Отлица на западот на Словенија – околу 125 милиметри. Слични бројки забележале и Вогел, Бовец, Идрија, а нешто помалку (околу 80 мм) во Логарската долина на северот од земјата, кај Савињска долина, област која во август беше погодена од страшни поплави, јавува РТВСло.

Во градот Струга на Савиња, каде што се евакуирани жителите на населбата бидејќи постои закана од свлечиште од 300 метри кубни кое може да заврши   во реката, со што би се создал бран од 15 метри, свлечиштето се движи, но состојбата во моментов е стабилна, велат локалните власти.

Поради плимата, сирените се огласија во крајбрежните градови Пиран и Изола. Плимниот бран ќе достигне околу 50 сантиметри, а морето треба да се повлече околу 11 часот.

Агенцијата за животна средина на Република Словенија (Арсо) за денеска издаде црвено метео предупредување поради предвидените обилни врнежи и ветер за поголем дел од земјата.

На југозападот на земјата се очекува  ветар со налети и до 100 километри на час. Во областа на северозападна и југозападна Словенија, ветрот може да собори дрвја и да открие покриви. Сообраќајот може да биде значително отежнат, можни се прекини во снабдувањето со електрична енергија. Движењето на отворено може да биде многу тешко, а понекогаш и опасно поради предмети што летаат, предупредува Арсо.

Агенцијата за безбедност во сообраќајот ги предупредува возачите да не излегуваат на коловоз за време на невреме доколку тоа не е апсолутно неопходно.