Обид за убиство: Струмичанец се струполил наземи откако го испил кафето што му го сварила сопругата


Основното јавно обвинителство Струмица спроведува истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

– Осомничената 39-годишна жена, на 07 јуни, во семејниот дом во село Иловица, се обидела на подмолен начин да го лиши од живот нејзиниот сопруг. Кога сопругот побарал да му свари кафе, таа во филџанот ставила течно средство хербицид „моносан херби“, го помешала со кафето и му го дала да го испие. Оштетениот го испил кафето, излегол во дворот и паднал во бессознание – соопшти прес службата на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат оти ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка од Основниот суд Струмица му предложи да определи мерка притвор за осомничената. Судијата го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.