Обид на плоштадот „Скендербег“ да се вмеша Македонија во конфликтот на Косово

Две глави има орелот, а една е во Митровица. Ова е дел од пораката на транспарентот кој синоќа беше отворен на скалите на плоштадот Скендербег во Скопје како реакција на случувањата во Косово. Фотографијата од овој настан се шири по социјалните мрежи.
На транспарентот кој го држат десетина лица чии лица се замаглени пишува: „Долга река Ибaр. Крв од планина. Две глави има орелот, а една е во Митровица“. Други двајца го држат знамето на Албанија, а други уште еден транспарент.
Засега нема никаква официјална информација во врска со овој настан кој го пренесоа неколку групи по социјалните мрежи и локални медиуми на албански јазик.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку напис на социјалните мрежи нападот во Косово го квалификува како сериозна провокација и, според него, тој може да има и регионални последици.
„Убиствениот напад врз Косово и полицијата во земјата е напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на целиот регион“, пишува Ахмети.
„Најостро ги осудувам нападот врз косовската полиција и убиството на полицаецот, како и ранувањето други лица утринава на северот од Косово“, додава лидерот на ДУИ.
Таквата, како што ја нарекува сериозна провокација, според него, е намерна со однапред одредена агенда, затоа порачува дека треба да се управува со ладнокрвност и мудрост бидејќи последиците може да бидат регионални врз мирот и стабилноста.
„Овие случувања се неприфатливи и координацијата и соработката со меѓународната заедница, гарантирајќи го мирот и независноста во Косово, се неопходни и итни. Потребна е итна акција за гаснење на малигниот пожар, кој има цел проширување и вклучување на регионот.Изразувам искрено сочувство до семејството на жртвата и брзо закрепнување на повредените“, пишува Ахмети на „Фејсбук“.
Вчера пак лидерот на Беса, Билал Касами, порача дека Србија сака да почне војна на Косово и дека тие „се подготвени на секаков вид на поддршка“. Инаку, во Македонија со закон е забрането во воени конфликти во друга држава и тоа беше причината поради која борците на ИСИС што се вратија назад завршија зад решетки.