Обичните обвинители ќе им ја довршуваат работата на специјалните
Специјалното јавно обвинителство и официјално заминува во историја. Основното обвинителство со кое што раководи Љубомир Јовески прифати да ги презеде предметите што СЈО ги работи во моментот. Постапките по нив, без оглед дали се во судски процес, предистрага или истрага, ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства. Сѐ уште е нејасно дали по нив ќе постапуваат обвинителите од СЈО што си ги водат предметите или ќе се назначуваат други. Одлуката ќе зависи и од преговорите на власта и на опозицијата околу новиот закон за обвинителство, односно дали ќе има договор.
Стручниот колегиум на јавните обвинители во ЈО смета дека нивниот став за преземање на предметите од СЈО е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство „како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото“.
Ваквата одлука беше очекувана по неочекуваното писмо од затворот во „Шутка“ каде притворената обвинителка Катица Јанева „замоли“ предметите што ги раководеше тимот со кој раководеше четири години, да преминат во туѓи раце.
Пред да почне седницата на обвинителите, продолжи и дијалогот во Министерството за правда меѓу државните и специјалните обвинители од една страна и правните експерти и невладините здруженија од друга страна. Информациите говорат дека состанокот бил бурен, поради што обвинителите Љубомир Јовески, Вилма Русковска и Ленче Ристоска излегоа од задниот влез без да дадат изјави.
Наводно, предложени биле две решенија. Според првото, обвинителите од СЈО би се преселиле во одделение во рамки на организиран криминал и корупција, а нивните истражители би се вратиле од таму каде што дошле. Второто решение е специјалните обвинители да се вратат во матичните обвинителства, а предметите на СЈО да ги работат обвинители од организиран криминал. Првото решение е поблиску до интересите на власта, а второто до опозицијата.
Тоа ќе биде една од точките и за кои ќе продолжат да преговараат власта и опозицијата во пресрет на финалната недела за законот за обвинителство.
„Верувам дека ќе се најде решение. Да му дадеме шанса на законот. Имаме седум дена. Треба да се најде решение. Голем дел од финесите се решени“, вели премиерот Зоран Заев, алудирајќи дека мандатот на СЈО завршува на 15 септември и дотогаш мора да се види што и како со законот.
Според претседателот на владата, ако нема решение – тогаш логично е предметите на СЈО да се селат во ЈО, како што, впрочем, и одлучија вчера обвинителите. Тој не гледа ништо спорно што Јанева пишува и издава наредби од затвор, затоа што „знам и деловни луѓе што потпишуваат плати од затвор со дозвола од судија“.
Работните групи на власта и на опозицијата вчера имаа уште една средба, на која, наводно, не бил постигнат напредок. Во најоптимистична варијанта, веќе во вторник, Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе се сретнат и ќе соопштат дека постигнале компромис.
Правниците се поделени околу тоа дали предметите може и треба да се селат од едно на друго место.
„Факт е дека СЈО згасна без да видиме која е вистинската причина. На состанокот имаше претставници и од СЈО и од странските амбасади, но сите излегоа од задниот влез. Не беше моја идејата да се формира СЈО, туку на САД. Во кој момент се откажаа сите од СЈО не ми е познат. Катица Јанева нема овластување ниту во нормални услови, ниту пак сега кога е во притвор да ги делегира предметите од СЈО во друго обвинителство. Таа овие предмети ги добила со закон и мора да ги работи. Во случајот има поднесено оставка и не може да се однесува во стилот после мене потоп. Можеше да се избере нов јавен обвинител, но најстрашно е што за такво нешто не постои интерес. Очигледно ова е крај на СЈО, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција. На крај мора да признам со жалење дека СЈО е само злоупотребено за да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт“, разочаран е професорот Гордан Калајџиев.
За разлика од него, професорот Владо Камбовски смета дека СЈО ја одигра својата улога, логично е предметите да се предадат, а „специјалните“ да се вкорпорираат во Јавното обвинителство.
„Ако некое прашање не е применето, се применува постојниот закон. Таму постојат одредби за преземање на предметите од страна на Јавното обвинителство“, коментира Камбовски.
Мицкоски, пак, оценува дека маневарот што го извела власта со која „притвореничка“ дава наредби од затвор, нема да помине кај ВМРО-ДПМНЕ и го повика СДСМ да се врати на претходните позиции и да го договорат законот за обвинителство, кој е еден од условите за добивање датум за преговори со Брисел.
Јовески: Најважно е предметите да бидат „живи“
Државниот обвинител, Љубомир Јовески во изјава за „Независен весник“, вели дека сѐ уште е рано да се разговара кој од обвинителите ќе ги преземе предметите на Специјалното јавно обвинителство, односно дали е можно по нив да продолжат да постапуваат специјалните обвинители.
„Тоа се технички прашања. Важно е и да се види дали партиите ќе успеат да постигнат компромис околу законот за обвинителство. За нас е најважно предметите да бидат ‘живи’“, вели Јовески.
Горан Адамовски